| четврток, 6 декември 2018 |

Ердоган го шокираше светот: Ова девојче ќе биде почитувано ако загине во борба (видео)

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, се најде на удар на критика во светската јавност по неговиот говор во кој стоел покрај девојче во воена униформа и рекол дека ќе биде многу почитувано ако загине во борба, објави Би-би-си.

„Ако загине ќе положат знаме преку неа“, рекол Ердоган во говорот пред членовите на неговата партија. На ваквата изјава неговите поддржувачи извикувале: „Шефе. Води нè во Африн“, алудирајќи на градот во Сирија во кој турските сили водат офанзива против сириските Курди.

На снимката што ја објави турската државна телевизија може да се види дека додека Ердоган зборувал вниманието му го привлекло девојче во униформа кое седело во публиката. Тој го повикал девојчето да излезе на бината.

„Погледнете што имаме тука. Девојче што правиш ти тука? Нашите беретки се тука, но тие никогаш не плачат“, му рекол Ердоган на расплаканото девојче мислејќи на специјалната единица на турската војска.

„Таа има и турско знаме во џебот. Ако загине во борба, ќе положат знаме преку неа“, додал Ердоган на партискиот конгрес што се одржал во саботата во Караманмарас.

„Таа е спремна на сè, зарем не?“, го прашал Ердоган девојчето на што тоа одговорило: „Да“. Потоа Ердоган го бакнал девојчето во образот и тоа се симнало од бината.

Ваквата реакција и изјава на Ердоган предзивика лавина реакции, а нејжестоките критичари велат дека станува збор за злоупотреба на деца. Би-би-си објави дека Ердоган засега не излегол со коментар во јавноста по критиките.

„Ова е срамота. Ова е многу лошо. Таа е само дете, не можеш да посакаш да умре“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top