| четврток, 6 декември 2018 |

Грчките медиуми за посетата на Јункер на Македонија

„Јункер до Заев: Вашата земја е дел од европската историја“, „Јункер: Не дојдов во Скопје за да соопштам конечен датум за интеграција“, „Јункер: Продолжете и решето го прашањето за името“, „Не дојдов овде за да соопштам конечен датум за интеграција, потенцираше Жан Клод Јункер од Скопје“, се само дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната посета на претседателот на Eвропската комисија на Македонија и средбата со македонскиот премиер Зоран Заев.

Новинарите во Грција, како што јавува дописникот на МИА од Атина, акцентот го ставаат на пораката од Јункер дека е потребно да се реши прашањето за името, но и на тоа дека по пристигнувањето во Скопје забележал дека работите се менуваат.

– Жан Клод Јункер му потенцираше на Зоран Заев дека треба да се реши проблемот со името, а не испушти да го коментира преименувањето на меѓународниот аеродром на соседната земја, пишува „Real.gr“.

– Претседателот на комисијата рече дека е импресиониран од напредокот во реформите што се направени во соседната земја и ја потенцираше потребата да продолжи на овој пат и да го реши прашањето со името со Грција, според објавата на твитер на заменичката портпаролка на комисијата, Мина Андреева, коментира онлајн изданието на весникот „То Вима“.

Почетокот на балканската турнеја на Јункер и неговата прва станица – Македонија, беше дел од сите централни изданија на вестите на грчките телевизии.

– Користејќи внимателни изрази и без ниту еднаш да го спомене зборот Македонија, Жан Клод Јункер на заедничката прес-конференцијата со скопскиот премиер, даде надежи за почеток на интегративниот процес, но поставувајќи го како предуслов решението на името, но и други реформи, коментира новинарката од грчката ТВ „Алфа“, на почетокот од нејзиниот прилог, а во продолжение ги пренесува изјавите на Заев и Јункер.

Според телевизијата, турнејата на Јункер е за да ги охрабри земјите од Западен Балкан на нивниот долг пат до интеграција, но и за да ја направи појасна намерата на ЕУ да игра главна улога на Балканот.

Телевизијата „Антена“, во централното издание на вестите, во прилогот за средбата Зев -Јункер, акцентот го става на изјавата на претседателот на ЕК дека двете страни треба да го решат проблемот, но и на изјавата на македонскиот премиер дека за владата е прифатливо име со географска одредница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top