Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2018“ на која ќе бидат изложени рачно изработени мартинки од Македонија, Бугарија и Романија ќе биде отворена на 26 февруари во 10 часот на првиот кат во трговскиот центар „Рамстор мол“ во Скопје. Организатор на настанот е Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ и е дел од активностите врзани со интернационалната апликација во УНЕСКО по повод признавањето на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство. Апликацијата заеднички ја поднесоа Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.
Настанот ќе биде отворен до четврти март и ќе бидат прикажани мартинки од неколку држави, односно оригинални рачно изработени амајлии. Постановката ќе биде збогатена и со едукативни панели, продажна галерија со ракотворби и креативни работилници за деца.
– Мартинките се дел од културниот идентитет на македонскиот народ, но и дел и од традицијата на неколку други народи од Балканот, што е заедничка нишка која го поврзува овој дел од Европа. ХАЕМУС ги почитува мартинките, верувањата и обичаите поврзани со нив и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција. Македонскиот дел од мултинационалната апликација во УНЕСКО помеѓудругото се темели и на поддршката која во писмена форма ја даде тимот на ХАЕМУС. Изразуваме задоволство што овие амајлии станааа нематеријално светско културно наследство вклучено на листата на УНЕСКО – вели Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.
Во дел од активностите на манифестација се вклучува и издавачката куќа „Арс Ламина“, со изработка на изданија за деца со наслов „МАРТИНКИ: конци, плетки и црвено-бели сплетки“, како и со креативни работилници преку едукативниот центар „Арс Ламина“ и книжарниците Литература.мк.
Заради социјална инклузивноста на манифестацијата склучен е договор со фондацијата „Една може“ и ангажирни се самохрани родители кои ќе бидат дел од настанот. Тие ќе се фокусираат најмногу на креативните детските работилници за правење на мартинки.
Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2018“ се прави со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и град Скопје, под мотото на УНЕСКО за Отворени Образовни Ресурси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.