| четврток, 6 декември 2018 |

Таравари ќе поднесе жалба за одлуката на Десковска

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари ќе поднесе жалба за одлуката на Министерството за образование кое му ги одзеде надлежностите во областа на образованието. Иако ден претходно Таравари изјави дека одлуката била донесена без предупредување, тој сега ја промени својата изјава и рече дека бил известен два пати, но немал доволно време за да ги спроведе промените што ги барало Министерството.

„Приватно предупредување имаше од министерката за образование, но официјално добивме едно писмо од просветниот инспекторат со некои забелешки и ние планиравме овие забелешки да ги корегираме. Постојат сериозни нерегуларности од страна на поранешните директори и ние, исто така, испративме објаснување кај министерката за образование зошто се сменети овие поранешни директори на училиштата. Некои останаа и како што вели г-дин Заев дека на ВМРО-ДПМНЕ не се сменети, но јас нив ги наследив од господин Бејта и останаа истите и се мислев кого да назначам“, изјави Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар

Но, што ќе се случи со новоименуваните директори сега кога надлежностите преминаа кај Министерството за образование, од оваа институција најавувата дека ако тие биле именувани незаконски, ќе бидат разрешени и назначени нови. Од Министерството за образование соопштија дека иста постапка се води и низ други општини. На критиките на Таравари упатени до премиерот, денес одговори самиот Заев.

„Не може да се повикувате на консензус за некои прашања и да ги замените директорите и да поставите луѓе само на ВМРО и на Алијансата за Албанците. Ако се повикувате на консензус, тогаш консултирајте ги сите и консензуално назначувајте ги луѓето“, рече Зоран Заев, Премиер

Инаку, од вкупно 16 училишта во општина Гостивар, 12 се основни, а четири се средни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top