| четврток, 6 декември 2018 |

Скандал: Јавни претпријатија донатори во кампањата на ДУИ

Во својот извештај кој го објави „Транспаренси Интернешнал – Македонија“, на донаторската листа од ДУИ во 2016 година се јавуваат јавните претпријатија АД „Македонска пошта“, АД „Аеродроми на Македонија“ и ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, со што се крши законот за финансирање на партии.

Од таму велат дека Државната комисија за спречување корупција за ова го известила Обвинителството, поради сомнение за злоупотреба на буџетски средства, пренесува Макфакс.

„По анализа на годишниот извештај за членарини до донации за 2016 година, ‘Транспаренси интернешнл – Македонија’ забележа дека на листата како донатори се јавуваат и претпријатијата АД ‘Македонска пошта’, АД ‘Аеродроми на Македонија’ и ЈП ‘Македонски железници – инфраструктура’, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување корупција и Законот за финансирање на политичките партии. Поради тоа на 10.05.2017 година се обративме до Државната комисија за спречување корупција како надлежна за постапување во вакви случаи“, велат од „ТИ-М“.

Од таму наведуваат дека денеска добиле одговор од ДКСК дека по разгледување и анализа на добиените податоци и прибраните известувања од посочените претпријатија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија утврдиле дека сомневањата што се изнесени во претставката се основани и дека од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување корупција кои забрануваат користење буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање изборна активност, односно друга политичка активност.

Документацијата од која произлегуваат овие сомневања, Државната комисија за спречување корупција ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top