| четврток, 6 декември 2018 |

Новинарот Томислав Кежаровски останува во притвор

tomislav kezarovski

Притворот е продолжен по две основа – поради опасност од бегство и поради можност за попречување на истрагата

Новинарот Томислав Кежаровски и останатите осомничени за случајот „Ликвидација“ остануваат во притвор. Нови 30 дена во затворот Скопје им одреди денеска истражен судија во Основниот суд Скопје 1. Како што велат од кривичниот суд, притворот е продолжен по два основа – поради опасност од бегство и поради можност за попречување на истрагата.

Новинарот на „Нова Македонија“, е осомничен дека го открил идентитетот на заштитниот сведок во судскиот случај Ореше. Тој беше уапсен во акцијата „Ликвидација“, заедно со неколкумина судии и обвинители инволвирани во судскиот процес Ореше.

За одлуката не е информиран адвокатот на Кежаровски. Судијката Татјана Михајлова, чиј потпис стои на решението за притвор за Томислав Кежаровски, денеска не се огласи по предлогот на одбраната на новинарот, а со кој се бара укинување на веќе изречената мерка. Зошто судијката Михајлова не се огласила засега е непознато, но одговор нема добиено ниту бранителот на обвинетиот Кежаровски.

„Не, јас не сум добил никаков одговор по моето барање за укинување на мерката притвор за Кежаровски. Искрено, очекував дека истражната судијка ќе ме информира, но тоа не се случи“, вели адвокатот Филип Медарски.

Остаува нејасно кога е донесена одлуката за продолжување на притворот, со оглед на најавите дека в петок требаше да се одржи седница на кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на која меѓу другото требаше да се расправа и за одлуката дали на осомничените во случајот наречен „Ликвидација“ ќе им биде продолжен или ќе им биде укинат притворот.

Апсењето на Кежаровски уследи само неколку дена по донесена ослободителна пресуда за тројцата обвинети за убиството во велешкото село Ореше. Вината на Кежаровски била во тоа што тој во два последователни броја на ревијата „Репортер 92“, објавени кој крајот на 2008 година, наводно, го открил идентитетот на заштитениетот сведок во случајот Ореше. Во оваа судска постапка, во два наврата, велешкиот суд изрече ефективни затворски казни за обвинетите, но кога заштитениот сведок побара да му биде симнат добиениот статис и кога беше изречена ослободителна пресуда, уследија апсења на судии, јавен обвинител, адвокати и бизнисмени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top