| четврток, 6 декември 2018 |

Рива: Репрезентацијата на Југославија од 1991 година е најдобар европски тим во историјата

Легендарниот италијански кошаркар Антонело Рива во интервју за „Независне новине“ од Бања Лука вели дека Југославија била пресилна во финалето на Европското првенство во 1991 година во кое беше совладана Италија со 88-73. Претходно Југославија во полуфиналето ја декласираше Франција со 97-76.

За репрезентацијата на Југославија тогаш играа Зоран Сретеновиќ, Велимир Перасовиќ, Александар Џорџевиќ, Тони Кукоч, Жарко Паспаљ, Јуре Здовц, Предраг Даниловиќ, Зоран Јовановиќ, Владе Дивац, Аријан Комазец, Дино Раџа, Зоран Савиќ.

– За секого беа пресилни, тоа беше најголемиот тим кој Југославија го имала и веројатно најдобриот во Европа на сите времиња. Се обидувавме се на тој натпревар, но беше невозможно да се победи против толку силен противник. Секој играч во екипата имаше посебни карактеристики, потенцира Рива.

Поранешниот бек на Милано се осврна и на промените во кошарката денес.

– Кошарката многу се смени од 2000 година кога времето за напад беше ограничено на 24 секунди. Со тоа не му се дозволува на тимот премногу да оди преку еден играч – шутер. Сега могу повеќе се оди на „пик енд рол“, а топката оди кај играчот кој прв има позиција да шутира. Втора причина е тоа што години наназад играчите многу работеа на својот шут, а сега многу повеќе се работи на физичката подготвеност. Денес има повеќе натпревари од порано, па тимовите мора да се подготвуваат на таков начин, а играчите немаат доволно време да работат на себе, истакнува 55-годишниот Италијанец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top