Амбасадата на САД во Тирана соопшти дека е разочарана од изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можноста од обединување на Косово и Албанија. Американската Амбасада ја оцени изјавата на Рама како „невнимателна реторика“.
– Амбасадата на САД е разочарана од изјавата на премиерот Рама за Косово и Албанија по повод 10годишнината од независноста на Косово. Невнимателната реторика, со која се алудира на обединување, не е од помош и нанесува штета на односите на Албанија со соседите. Сите лидерите треба да бидат добри соседи и да се откажат од реториката од минатото, што создава поделби, се наведува на пораката објавена на Твитер.
Пораката е објавена на албански и на англиски јазик. Рама во неделата во Приштина изјави дека „Албанија и Косово ќе имаат заедничка надворешна политика, а не само заеднички амбасади и дипломатски мисии“.
– Зошто да нема дури и еден претседател како симбол на националното единство и заедничката национална безбедносна политика, наведе Рама на свечената седница на косовското Собрание по повод 10годишнината од независноста на Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.