| четврток, 6 декември 2018 |

МТСП потврди: Едното девојче ја прекинало бременоста, а другото не сака да абортира

Две малолетни девојчиња, штитенички на Домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“ од Скопје забремениле, а едното било подложено на прекин на бременоста, потврдија од Министерството за труд и социјална политика.

„Станува збор за две штитенички на домот ’25 Мај‘, едната 15-годишна, а другата 17-годишна. Во случајов се работи за несакана бременост, односно и двете забремениле по стапување во полови односи со други штитеници од домот. Едното девојче, 15-годишното, не сакало да ја задржи бременоста и во согласност со мајката и старателот од Центарот за социјални работи, направен му е абортус“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Второто девојче одлучило да го задржи бебето.

„Ова девојче одлучило да не ја прекинува бременоста и во моментот е кај нејзиниот татко, кој се согласил да води грижа за неа и за бебето. И таа кажала дека не станува збор за силување или злоставување, но не сакала да каже со кого забременила“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Алармот за случувањата во домот 25 Мај“ се крена минатата недела кога невладината организација Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) соопшти дека 13-годишна штитеничка на домот била подложена на абортус откако забременила по сексуално злоставување.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека се сомнева дека станува збор за сексуална експлоатација на малолетничката и побара Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да го расчистат случајот.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека против едно лице веќе поднеле кривична пријава за полов напад врз дете, кое признало дека имало сексуални односи со 13 годишното девојче лани во ноември, кога во бессознание била однесена во општата болница во Велес.

Вчера даде оставка директорот на домот „25 Мај“ Стевчо Соколовски. Министерството за труд и социјална политика денес испратило социјална инспекција во домот 225 мај“ и во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи-Скопје.

„Овие две бремености се сосем различни од случајот со 13-годишното девојче, бидејќи не станува збор за силување или злоупотреба. Сепак денес социјална инспекција ја проверува работата на овие две установи, и секој случај одделно ќе се испитува“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top