| четврток, 6 декември 2018 |

Адвокатот на Верушевски предложен за член на Советот на јавни обвинители

Адвокатот Ангеле Илиевски кој го застапуваше првообвинетиот во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски, е едниот предлог на Собранието за пополнување на испразнетото место во Советот на јавни обвинители, дознава „Макфакс“. Вториот предлог на Собранието за член на Советот на јавни обвинители е адвокатот и поранешен член на Судскиот совет, Ангел Солев. Тој за „Макфакс“ потврди дека поднел кандидатура на огласот кој го објави Собранието, но ќе почека формално да заврши постапката.

На денешната седница на Комисијата на Собранието за прашања на изборите и именувањата како точка се ставени овие два предлози за нови членови на Советот на јавни обвинители, за кои ќе гласаат пратениците. За точката денеска сепак нема да се гласа. Според Законот за Советот на јавни обвинители, тројца членови ги избира Собранието на Република Македонија од редот  на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои  двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Минатата недела, Советот, пак, објави дека новоизбран член на ова тело е Ацо Колевски, кого јавноста го памети за спорното барањето за заштита на законитоста, преку кое, на бизнисменот Сеад Кочан му беше укинат притворот. Врховниот суд спротивно на законот прифати да расправа за вонредниот правен лек на Јавното обвнителство, иако беше ненадлежно, доставено токму од јавниот обвинител Ацо Колевски и одлучуваше за притворот на Кочан. Доколку овие 2 предлози поминат, Советот на јавни обвинители целосно ќе го комплетира составот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top