| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на дигитализираниот филмски опус и ДВД – изданието на Бранко Гапо

Проектот за дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо ги опфаќа играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“

Управата за заштита на културното наследство и Кинотеката на Македонија организираат специјална презентација и промоција на Дигитализираниот филмски опус и ДВД – изданието на Бранко Гапо која ќе се одржи на 21 февруари 2018 година во Кинотека на Македонија – Скопје, со почеток во 12 часот.

Проектот за дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо ги опфаќа играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“.

Во соработка со Кинотеката на Македонија, матична институција за заштита на аудиовизуелното културно наследство, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, презентацијата на дигитално реставрираното творештво на филмскиот опус на Бранко Гапо, како културно наследство заштитено ex lege, ќе се одржи во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

Целта на овој настан е да се промовираат процесите на дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство на Република Македонија, како и претставување на улогата на Управата за заштита на културното наследство во заштитата на аудиовизуелното наследство.

Во рамките на долгогодишниот проект на Кинотеката на Македонија „Дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство“, почнувајќи од 2011 година до денес, дигитално се реставрирани и дигитализирани: филмскиот опус на браќата Манаки и документарниот филм „Македонија во слики, 1923“ на Арсениј Јовков кои што согласно Законот за заштита на културното наследство се прогласени за културно наследство од исклучително значење. Дигитализирани се и опусите на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски, како и филмовите „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Жед“ на Димитрие Османли, односно вкупно 15 играни филмови, четири документарни и два краткометражни играни филма.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top