| четврток, 6 декември 2018 |

Бизарно: Со ди-џеј и техно забава Шилегов пушти во употреба автобуска постојка (видео)

Со диско музика и свечени обраќања, како што му доликува на еден мега проект, Град Скопје вчера пушти во употреба автобуска постојка.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, потроши значителна сума на пари од градскиот буџет за да го испромовира својот најголем проект по доаѓањето на функцијата – пуштање на употреба на автобуска постојка во подрумот на ГТЦ.

Постојката постои откако постои ГТЦ, но претходната администрација на градот реши да ја тргне од маршутата на автобусите затоа што граѓаните не ја користеа, сега Шилегов повторно ја активира постојката во која ќе поминуваат 9 автобуси, помеѓу кои најпознат е оној со број 50.

Во промоцијата на својот маркатен зафат „Пуштање во употреба на веќе постоечка автобуска станица“, Шилегов ангажирал и ди-џеј кој ги забавуваше присутните граѓани и вработени во Град Скопје со техно хитови но и преработени модерни поп нумери.

Рамо до рамо со Шилегов во промоцијата на овој проект (кој експертите блиски до СДСМ го класифицираат како подвиг рамен на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна), стоеа и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ЈСП.

Говорејќи за револуционерната промена која на Скопје ќе му ја донесе оваа постојка, Шилегов на присутните им порача:

– Очекувам дека повторно на ова ниво ќе заживее заради фрекфентноста на луѓето. ГТЦ беше, е и ќе и остане белег на Скопје, затоа градот Скопје на секој начин во неговата ревитализација, да му дадеме повторно она фундаментално значење што го имало за градот. – со гордост за својот подвиг изјави Шилегов.

Промоторите на проектот додадоа оти се разочарани затоа што во прва фаза тука ќе поминува само автобусот со број 50, затоа што останатите автобуси се двокатни и неможат да влезат во подрумот на ГТЦ, но, не се тие виновни што претходната власт набави преку 300 нови автобуси од кој поголемиот дел се двокатни.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, триумфално најави дека во иднина на постојката во подрумот ќе се врати и 57-ка.

-Овие темни и празни места зад нас некогаш беа полни и светли. За нешто да живее треба да има движење на луѓе, не ми е јасна причината поради која овие две линии, 50-ка и 57-ка, беа одземени. Ние тука сме да ја исправиме грешката. Сега ја враќаме 50-ка, а во иднина и 57-ка – рече Трајчевски.

На пуштањето на автобуската постојка беше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. „Во 2015 година заедно со невладините организации и граѓанските движења почнавме битка за да го спасиме ГТЦ од гипс, сега имаме нова битка – ГТЦ да добие нов дух и да го вратиме животот. Верувам дека ќе успееме да го направиме ГТЦ подобро место за сите нас“, рече Богдановиќ.

Останатите автобуси и понатаму ќе застануваат на постојката кај Жена парк која се наоѓа на дури 30 метри растојание од постојката која вчера ја пушти во употреба Шилегов.

На автобусот кој ќе поминува под ГТЦ, од Град Скопје испечатиле апликација со ликот на архитектот на ГТЦ, објект кој денеска е целосно руиниран и нефункционален затоа што СДСМ протестираше против негово реновирање. Шилегов додаде дека сега Град Скопје нема пари за реновирање ниту на овој објект, ниту на Универзалната Сала, па токму затоа негово заживување ќе се иницира само со оваа автобуска постојка.

Доколку се погледне видеото од големата промоција на автобуската постојка, може да се забележи дека најсреќен за ова дело е вработениот во службата за односи со јавноста на Град Скопје, Влатко Васиљ, кој исполнет со среќа го фотографираше автобусот кој за прв пат застана на оваа постојка а набавен е во време на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top