| четврток, 6 декември 2018 |

„Анима мунди“ бара да биде ослободен штркот што се користи за маска на Струмичкиот карневал

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ изрази загриженост поради користењето на жив штрк во маска на годинешниот Струмички карневал.

„Анима мунди“ бара од градоначалникот, општината и фестивалскиот одбор најитно да им го достават идентитетот на лицето кое го употребува штркот како маска и итно негово исклучување од конкуренција за најдобра маска. Здружението за заштита на животните бара и докази и ветеринарна потврда дека птицата е добро, дека се опоравува од траумата и стресот и дека е пуштена на слобода. Во спротивно, велат, организаторот ќе биде пријавен во Федерацијата како фестивал кој дозволува суровост и изживување спрема животните.

„Во отсуство на инвентивност и креативност, употребена е благородна дива птица како дел од маска при што птицата е оттргната од нејзината природна средина, затворена во мал кафез, непотребно изложена на страв и измачување. Во време кога дивиот свет ни се намалува рапидно пред очи, организаторот дозволува флагрантно кршење на законот за благосостојба на животните и уништување на дивиот свет, без трошка одговорност. Птицата е лишена од слобода, употребена небаре е ефтина играчка купена во продавница и втурната безмилосно во карневалскиот метеж“, велат од „Анима мунди“.

Здружението понатаму додава дека Карневалот е членка на Европската федерација на карневалски градови, кои кога би ја виделе фотографијата, би биле гневни.

„Во европските градови штрковите се позитивен симбол и носат радост меѓу граѓаните, а самите општини им помагаат со градење на гнезда и живеалишта. Воедно бараме од надлежните инспекторати при Агенција за храна и ветеринарство и ловниот инспекторат да реагираат во согласност со законската регулатива, а на организаторот му советуваме, во иднина при одредувањето на критериумите и условите за учество на Карневалот, да ја земе сериозно предвид и благосостојбата на животните“, заклучува „Анима мунди“ во соопштенето испратено до јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top