| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците од Австралија се против законот за јазиците, договорот со Бугарија и за прекинување на преговорите за името

„Ние, Македонците во Австралија, сме обединети и единствени во одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на македонската нација!

Го отфрламе законот за употреба на јазиците со кој се редефинира државноста и унитарноста на Македонија, се воведува двојазичност на целата територија и во меѓународните односи на Македонија, и се дискриминираат малцинските етнички заедници во еднаквоста пред Уставот и законите.

Ја повикуваме Владата безусловно да го повлече законот за употреба на јазиците и да го врати на јавна дискусија и стручна валоризација. Ги повикуваме пратениците да не го усвојат Законот за употреба на јазиците при повторното разгледување.

Ние, Македонците во Австралија, го отфрламе Договорот меѓу Македонија и Бугарија склучен на 1 август 2017 година во Скопје, со којшто Владата се согласи на ревизија на македонската историја и се откажа од македонскиот јазик и од Македонците во Бугарија!

Сѐ додека за Софија, Македонија е дел од Бугарија, Македонците се Бугари, а Македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, сметаме дека Договорот со Бугарија претставува велепредавство на нацијата и државата!

Бараме претседателот на Републиката да не го потпише указот за прогласување на законот за ратификација на Договорот меѓу Македонија и Бугарија, бидејќи не е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Ние, Македонците во Австралија, отфрламе референдум, промена на Уставот и ратификација на меѓународен договор со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Сметаме дека промената на името на државата и идентитетот на нацијата не претставува демократија, слобода на мислата и нејзино јавно изразување, туку флагрантно кршење на меѓународното право и на Уставот на државата Македонија, најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува. Јавно прокламираме дека секоја одлука за промена на името на државата и идентитетот на нацијата за Македонците во светот е ништавна, а учесниците во ова велепредавство кога и да е ќе бидат изведени пред судот на народот и правдата и ќе бидат казнети со доживотен затвор и конфискација на целиот имот на семејството, дома и во светот!

Бараме безусловен крај на разговорите за разликата за државното име со Владата во Атина, со нота на претседателот на Републиката до генералниот секретар и резолуција до Генералното Собрание за продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка „Република“, како јасна разлика од истоимената северна провинција на Република Грција и југозападна провинција на Република Бугарија, без латинична транскрипција на македонскиот јазик (Republika Makedonija) туку на англиски јазик „Republic of Macedonia“, со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на македонскиот народ и македонскиот јазик, на англиски јазик „Macedonian people“ и „Macedonian language“, независно од историските хипотеки на Балканските војни 1912-1913 година – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ кои сѐ уште траат.

Очекуваме извинување од Владата во Атина за историските и општествените неправди против Македонците во Грција, репарации за експлоатацијата на природните и археолошките ресурси од 1912 година како и за штетите врз животите и имотите на Македонците во окупираните територии на Македонија, како и враќање на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913, Првата Светска Војна 1914-1918, Втората Светска Војна 1939-1945 и Граѓанската Војна во Грција 1946-1949 година!

Отфрламе пристапување на Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО, поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ, наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името Македонија и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на јазикот, културата и историјата на македонскиот народ, како вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина и Софија!

ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

Ние, Македонците во Австралија, повикуваме на итно ослободување на сите притворени за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и бараме претседателот на Република Македонија да ги помилува со ослободување од гонење и извршување на казната, како и да определи бришење и укинување на пресудата на осудените.

Бараме итно ослободување на градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко од домашен притвор и бараме претседателот на Република Македонија да го помилува со ослободување од гонење.

Ние, Македонците во Австралија, бараме македонските епископи да го повлечат барањето за прифаќање на бугарската црква за мајка црква, како неканонско и антиисториско. Го поддржуваме сослужението и евхаристиското единство на македонската црква со сите цркви во светот кои ќе ја прифатат македонската како апостолска црква и како една и единствена легална и легитимна канонска наследничка на древната Охридска Архиепископија односно Патријаршија и на Јустинијана Прва, со право на бесплатна градежна парцела за изградба на црква и манастир во Охрид како светски сехристијански центар.

Доколку Владата не е способна да ги оствари горенаведените барања, бараме самораспуштање на Собранието и распишување на вонредни парламентарни избори!

Ние, Македонците во Австралија, ќе ги користиме сите дозволиви средства, секогаш, секаде и пред секого, за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата“, се вели во писмото на македонската заедница во Австралија испратено до претседателот на државата, на Собранието и на Владата на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top