| четврток, 6 декември 2018 |

Грција ја обвини Турција дека систематски го крши меѓународното право

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас, ја обвини Анкара дека го нарушува систематски меѓународното право и ги повика вработените во турската Влада да се придржуваат кон европските политички норми, пренесува електронското издание на грчкиот весник „Катимерини“.

Изјавата на грчкиот дипломат дојде како одговор на коментарите на портпаролот на турското МНР, кој рече дека грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас прифатил немирољубив пристап во однос на тензиите кои неодамна настанаа меѓу Турција и Грција во Егејското Море.

Гениматас е категоричен дека Турција систематски го крши меѓународното право и постојано ги поминува црвените линии, а кога ќе биде побарано да се вразуми, таа се жали и реагира несоодветно.

Дипломатот додаде дека Грција е земја која делува трезвено, одговорно и мирно, а тоа е елемент на нејзината моќ.

„Грција инсистира на решавање на конфликтите со мирни средства и преку дијалог, и овој пристап е во согласност со современата европска политичка култура што Турција мора да ја усвои. Уште поважно, Грција ги почитува меѓународните норми и регулативи во Егејското Море“, смета Гениматас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top