| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Итно да се повлече годишната програма (видео)

Како одминува времето и како стручната јавност ја анализира Националната годишна програма на Министерството за култура, така доаѓаме до се поскандалозни сознанија. Имено, освен оние чии имиња досега излегоа во јавноста со забелешка дека имаат конфликт на интереси за работата во стручните комисии, на листата на поддржани автори за 2018-та година се јавуваат и имињата на некои од членовите на Советот за култура на Министерството за култура: Весна Гиновска Илкова, Владимир Милчин, Маја Бојаџиева, Решат Амети, изјави денеска Роберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, најстариот македонски детски музички фестивал „Златно славејче“ кој постои веќе 48 години и со кој пораснаа илјадници генерации деца, доби само 200.000 денари од програмата за култура, а во исто време се одвојуваат 300.000 денари за реализација на една песна на само едно дете. За ова реагираше и детската амбасада Меѓаши, но срамното образложение на министерот е дека артистот не смеел да се остави без средства без разлика на неговиот минат труд.

-Сојузот на албанските артисти АРТ Тетово, кој патем е регистрирано за лов, за само еден од трите проекти чија вкупна сума изнесува 2.400.000 денари, добил рекордни 900.000 денари за проектот „Запознавајќи ги нашите вредности“, додека на Сојузот на композиторите на Македонија за музичката манифестација „Струшка музичка есен“, која има 42 годишна традиција, се доделени само 150.000 денари. Дали бројни докажани уметници и професионалци останаа неподржани, само поради тоа што немале блиски врски со Претседателот на Комисијата за музичка и музичко сценска дејност, Васо Ристов, кој од друга страна пак, преку  комисијата каде што тој е претседател доделил 1.480.000 денари на Факултетот каде што тој е продекан. Дали ова не е пример за класичен конфликт на интереси?! Истата комисијата доделува огромни средства и за повеќе студентски фестивали и натпревари во кои досега Ристов редовно се јавува како организатор и член на жирито. Меѓународниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ каде продеканот досега бил редовен член на жири комисијата добил вртоглави 1.300.000 денари, вели Вељановски.

Тој додава дека „проектите на своите најблиски соработници – професори и студенти на Факултетот за музичка уметност од комисијата се наградени со близу 12.000.000 денари. На својата колешка Весна Ѓиновска Илкова, која истовремено е и член на Советот за култура во Министерството за култура, комисијата и доделила 210.000 денари.

ВМРО-ДПМНЕ бара итно да се повлече годишната програма и да се донесе нова, правичена и објективна. ВМРО-ДПМНЕ бара да се повлечат членовите на комисиите кои одлучуваат за одобрување на средствата поради очигледен судир на интереси и да се постават нови. ВМРО-ДПМНЕ цени дека ваквиот годишен план за култура само ја уназадува културата и придонесува за девалвирање на културата и на македонските културни вредности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top