Ексдиректорот на Агенцијата за туризам, Александар Донев, во Буенос Аирес, Аргентина, спиел во познатиот синџир луксузни хотели – „Хилтон“, летал со бизнис-класа и на патувањето за назад од Јапонија и не искористил купени авионски билети, покажуваат извештаите на Агенцијата и од неговата службена картичка до кои дошла агенцијата Макфакс преку барање за слободен пристап до информации.
Во Лондон променил хотел од полоша категорија за подобар, а исто така имал и шопинг за приватни цели во најмалку две продавници – една во Аргентина и една во Токио. Донев во разговор за „Макфакс“ ги потврди извештаите што ги добивме, но вели дека сите средства што ги искористил за приватни цели, бидејќи имал проблеми со својата картичка, по патувањето, ги вратил на службената сметка.
–Аргентинецот. Ова е прекарот што сега веќе разрешениот директор Александар Донев го доби по бурните реакции во јавноста дека на службениот пат во Аргентина летал со бизнис наместо во економска класа. Владата на една од своите седници го разреши Донев од функцијата поради несовесно и невнимателно работење, но остана необјаснето што всушност значи ова. Дали Владата го разреши директорот за 40 илјади денари разлика помеѓу економската и бизнис-класата за еден авионски билет како што тврди Донев? Или постојат и други постапки што ја инспирирале ваквата одлука? „Макфакс“ со барање за слободен пристап до информации од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот побара целосен извештај од службената картичка на ексдиректорот Донев во периодот од 1 септември 2017 до крајот на јануари годинава, извештај за сите купени авиобилети за патувања во истиот период, како и извештај за целите, потребите и бенефитите за државата од патувањата во странство. – пишува Макфакс.
Според извештаите што медиумот ги добил од Агенцијата, Донев од септември 2017 до јануари годинава имал 11 закажани патувања за кои за авиобилети и патни трошоци биле потрошени околу 12.772 евра.
Според овој извештај, пет од купените авионски билети не се реализирани – за патувања на саеми во Полска – Варшава, Шпанија – Сантјаго де Компостела, Турција – Истанбул, Белгија – Брисел и Израел – Тел Авив.
Александар Донев во разговор за „Макфакс“ ги потврдил информациите од извештајот од Агенцијата. Тој вели дека пропаднале само два купени авионски билета – за саемите во Брисел и Израел – поради тоа што тие се поклопиле со неговото разрешување и немало можност да се откажат навреме. За преостанатите билети вели дека средствата не пропаднале, туку биле пренаменети за други билети, иако во извештајот што го добивме од Агенцијата не е наведен таков податок.
Интересно е што, иако во медиумите беше објавувано дека билетот за патувањето во Аргентина за економската класа чинел околу 180.000 денари, а бизнис-класата чинела околу 220.000 денари, вкупната сума патни трошоци за патувањето во Аргентина за авиобилети и патничко возило според податоците што ги добивме од Агенцијата изнесува 433.950 денари или 7.056 евра.
Во врска со тоа за што биле потрошени повеќе од седум илјади евра, за разлика од споменуваните 220 илјади денари, Донев вели дека се работи за трошоци и за локален превоз, како и за уште еден авиобилет од Буенос Аирес до Салта, во економска класа, а тврди дека во оваа сума се внесени и трошоците за сместување, иако во одговорот што го добивме од Агенцијата стои дека сумата се однесува за авиобилети и патнички трошоци.
„Авиобилетите се набавуваат преку владината Служба за општи и заеднички работи, авиобилетот ми е на барање за бизнис-класа затоа што летот беше 17 и пол часа, од нив добиваме со која понуда ние летаме. Не можеме ние сами да ја направиме набавката, како што најчесто јавноста го проверува тоа онлајн. За трошоците во однос на сместување, локален превоз и слично, тоа е сè според правилникот на Агенцијата што се користи со години и важи за сите патувања. Ние најчесто спиеме, не најчесто, туку секогаш спиеме во ист хотел сите, заедно со луѓето што патуваат со директорот. Спиеме во исти хотели“, вели Донев.
Тој потврдува дека летал и од Јапонија за Скопје со бизнис-класа, но вели дека тоа го покрил сам и не било платено од Агенцијата, иако и овој податок не е посочен од страна на одговорите што ги добивме од оваа Агенција. Претходно за медиумите Донев изјавуваше дека летал со бизнис класа само до Аргентина. Вкупната сума за патни трошоци за Јапонија, според Агенцијата, е околу две илјади евра.
Интересни детали за сите патувања, за кои за некои веќе се говореше во јавноста, открива и извештајот од трошењата со службената картичка на поранешниот функционер.
На патувањето во Аргентина, според извештаите од службената картичка, од 14 октомври тој спиел во хотелот „Хилтон“ во Буенос Аирес за што биле наплатени околу 750 евра, а имал и шопинг во продавница што се наоѓа на аеродромот – „Шоп галери Аргентина“, каде што била направена сметка од речиси 100 евра.
На друго патување, на 5 ноември, во Лондон, платил речиси 100 евра во „Лондон принс хотел“, хотел со 3 ѕвезди, за потоа на истиот датум повторно да исплати уште околу 1.500 евра во сосема друг хотел од подобра класа – „Лондон парк гранд Кенсингтон“, хотел со 4 и пол ѕвезди.
Донев: Го променив хотелот затоа што немаше сеф
Во однос на преместувањето од еден во друг хотел од повисока класа во Лондон, тој за Макфакс вели дека ја направил промената бидејќи резервираниот хотел немал сеф.
„Затоа што во првиот хотел каде што беше резервирано немаше сеф, знаете какви се хотелите кога ќе резервирате, изгледаат добро и потоа кога ќе отидете таму, тој е катастрофа, важно е дека немаше сеф. Тоа беше една од работите што требаше да ги има за да може да се остават лични документи, патни исправи и кешот затоа тој се носи бидејќи многу често се плаќаат одредени трошоци што ги имаме таму и тоа беше условот, го сменивме и тоа беше повеќе направено за промената, но потоа се преместивме и цената беше иста. Ништо од ова не е надвор од правилникот. Многу често на местата каде што одиме, на пример, во Лондон, каде што спиевме, ако тој хотел чини 1.500 евра за една недела, хотел што реално е многу попогоден да се сместите во близина на саемот, чини 5 илјади евра, цените енормно поскапуваат кога се одржуваат овие саеми, и затоа одиме во поевтини хотели, па потоа патуваме до саемот“, вели Донев за „Макфакс“.
Донев со картичката на патувањето во Лондон во повеќе наврати плаќал во познати ресторани, меѓу кои и „Баунтифул кау“, каде што сметката на 10 ноември изнесувала околу 250 евра. Според него, сите сметки за пабови и ресторани биле потрошени на службени состаноци, а не за приватни цели.
Тој направил уште еден шопинг со службената картичка во продавница во „Токио патагонија“, која, најверојатно, е продавница за облекување, при што сметката изнесувала 22.476 денари или околу 365 евра. Во Токио се појавува и друг трошок од 21.037 денари во „Сибујаку ист шопинг-центар“ за кој Донев тврди дека се работи за ручек што се одржал во шопинг-центарот. Биле исплатени и околу 39.700 денари во „Синагаваки риокан хотел“ и 35.209 денари во Chiba Torukokokuukaishiya за што не успеавме да откриеме на што се однесуваат.
Донев признава дека во двете продавници во Аргентина и Токио ги искористил парите за приватни цели, но тврди дека веднаш потоа ги вратил на службената сметка.
„Точно е за ‘Токио патагонија’, тие се вратени и уплатени на истата сметка затоа што имав проблеми, не ми поминуваше приватната картичка во Токио, некои работи приватно ги купив, но потоа во целост ги вратив на истата сметка од која се земени, сметката во Охридска банка. Исто и во Аргентина на аеродромот, за лични купени работи, потоа ги вратив. А во шопинг-центарот во Токио, тоа е всушност ресторан во шопинг-центарот, бевме на вечера со амбасадата и со тур-оператори“, вели Донев.
На службените картички се појавуваат и други трошоци и плаќања за пабови или ресторани, услуги за blackline.com и tpcontact.com, помали уплати за реклами на „Фејсбук“, како и неколку сметки за ручеци во скопски ресторани. Најголеми се сметките во кафеаната „Мерак“, каде што во еден наврат има сметка од речиси 200 евра и потоа уште една сметка во истата кафеана од 100 евра. И за овие трошоци Донев тврди дека биле платени за ручеци за службени состаноци.
Целиот текст на Макфакс на следниот линк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст