| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски со одговор до Заев: Она што за вас е одлична надворешна политика за граѓаните е распродажба на државните интереси

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил одговори на статусот на Премиерот Зоран Заев кој кажа дека се водело одлична надворешна политика и дека бил свесен за некои пропусти во внатрешната политика и дека тоа ќе се средело по принципот на работа која ја практикувал како градоначалник на Струмица.

Мискоски порача:

“Она што Зоран Заев го нарекува “одлична надворешна политика”, за граѓаните и за нашата држава преставува распродажба на националните и државни интереси. Не е поентата да се биде актуелен во регионот по тоа што се попуштило, или отстапило, туку суштината е да се биде актуелен во сопствената земја застапувајќи ги државните и национални интереси. А во изминатот период владата стана актуелна по попуштањето, но не и по одбраната на интересите, па се изроди закон за јазици кој е неуставен и хаотично однесување без концепт во поглед на спорот со јужниот сосед. Народот вели ако се среди сопствениот двор, тогаш може да се збори и за соседниот.” напиша Мицкоски.

Тој се осврна на внатрешната состојба во државата опишувајќи дека постои хроничен хаос и африканизација на државата.

“А сликата за Македонија е далеку од розева. И она што премиерот вели дека е “свесен за некои пропусти во домашната политика” за граѓаните е хроничен хаос во секое поле и област што е директна последица на неспособноста да се менаџира со домашната економија, да се креираат реформи и унапредат состојбите, но и неспособност да се реализира ветеното. Ќе потсетам дека оваа влада велеше дека има темелна анализа за состојбите и пред да дојде ветуваше живот, но тој никако да стигне. Имаме африканизација и уназадување на Македонија во однос на сите критериуми, не само во поглед на демократијата и усовршениот политички терор на власта, туку и во здравството, образованието, науката, студентскиот стандард и младите, земјоделието, економијата”-порачува Мицкоски.

Мицкоски на тезата на Зоран Заев дека работата од Струмица ќе ја пресликал низ цела држава напиша ”oпасното е тоа што принципите на работа на Заев во Струмица стануваат и принципи на работа во цела Македонија, тоа што во државата се случуваат десетици случаи на “Цареви Кули, Глобал, фамилијарни или пријателски тендери, 200.000€ по принципот евро за евро, живи луѓе ќе јадеме и сл..” и тоа не е нешто за фалење. Граѓаните се повеќе сваќаат колку е сериозна ситуацијата и колку многу се пропушта да се направи. Зборот никако да се преточи во дело. Македонија се буди и многу скоро ќе каже стоп за овие погубни политики на владата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top