Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис смета дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“.
– Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам, да рaзмислиме за тоа бидејќи името „Македонија“ „го подели светот, не подели нас“ и од тоа сите губиме – рече Бутарис во изјава за грчката ТВ Скај, пренесува Македонската информативна агенција.
Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните. Како дополнителна причина за преименување на аеродромот, истакнува солунскиот градоначалник, Бутарис го наведува тоа што туристите кога слетуваат Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.
Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и се поголемото турско влијание во регионот.
Оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.
-Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО- изјави Бутарис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.