| четврток, 6 декември 2018 |

Заев-Јилдирим: Турција ја поддржува Македонија за НАТО, ќе се унапредува билатералната соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со турскиот премиер Бинали Јилдирим, во рамки на официјалната посета на Република Турција, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

На почетокот на средбата, соопшти владината прес-служба, премиерот Заев изразил сочувство за жртвите во борбата против тероризмот со цел заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на земјата. Имало согласност од двете страни дека борбата против тероризмот е важно прашање за заштита на светскиот мир.

Двајцата премиери, Заев и Јилдирим на тет-а-тет средбата и потоа на ниво на делегации изразиле определеност да придонесат кон создавање услови за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за зголемување на трговската размена.

Договорено е активирање на Мешовитиот комитет меѓу двете држави кој ефикасно ќе ги решава сите потреби за подобра соработка на секое ниво. Премиерот Заев соопштил дека од страна на Република Македонија, комитетот ќе го води министерот без ресор, Аднан Ќахил.


– За нашата држава важни се сите инвестиции, а Турција е 6-та во Македонија по бројност на инвестиции. Подготвени сме да создадеме услови за уште повеќе инвестиции бидејќи има заинтересирани инвеститори, посочил премиерот Заев.

Се разговарало за можноста за олеснувања посебно во земјоделството.

– Ние очекуваме напредок во ЕУ и НАТО интеграциите оваа година, а тоа очекуваме да влијае на зголемување на инвестициите, а со тоа подобар квалитет на живот на граѓаните, рекол премиерот Заев.

На средбата на двете делегации, премиерот Заев побарал да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО, а премиерот Јилдирим порачал дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во оваа стратешка цел.

Од владината прес-служба информираа дека продолжуваат средбите на премиерот Заев во рамки на посетата на Анкара на највисоко државно ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top