| четврток, 6 декември 2018 |

Освестувачките зборови на отец Петар Драгојловиќ

Љупчо Златев, новинар

Минатата недела, игуменот од СПЦ Петар Драгојловиќ преку низа на писанија полни со силна симбиоза на рационалност и духовност ја поддржа борбата на Македонскиот народ за самоопределување. Во овие тешки денови за нашата нација, ретко кој собира храброст отворено да не поддржи во сите предизвици кои ги имаме, особено ако доаѓа од такво миље, па токму затоа во оваа колумна би сакал да се осврнам на неговите зборови, но и да прашам: Со што ние заслуживме ваков третман?

Да, човек кој доаѓа од Црква со која Македонската Православна Црква има спор еве скоро 50 години, им кажа на своите браќа по Христа од Грција „Е не сте во право браќа Грци!“. Во деновите кога властите овде се плашат да го изустат зборот „Македонија“ надор од земјава, без ронка страв Драгојловиќ на своите грчки „колеги“ им кажа дека во Македонија живеат Македонци кои се посебен народ, кој има своја држава, свое име, своја нација, свој јазик, своја историја и го осуди етно-шовинизмот на сите против македонската нација.

Веројатно со оваа изјава отецот го стави и својот комодитет под знак прашалник, затоа што сите ја знаеме моќта во православието на Грција, чунки и самиот Вселенски Патријарх е Грк а и секогаш во историјата бил Грк. Но ете, отецот Петар, од своето манастирче во Шумадија, јасно и пргаво му порачува на светот „Платон ми е мил, но вистината ми е помила. А вистината во овој случај е на страна на Македонците.“. Отецот на српската јавност и го презентираше и геноцидот кој Грција го има извршено врз Македонците од Егејот. Не може човек да не се восхитува на ваквите потези, затоа што нашите отци овде не собираат храброст една панихида да испеат за Егејците а не пак јавно да говорат за нивните страдања.

Додека овој духовен човек на дистанца од 1000 километри од Македонија пркоси на неправдите кои и се спремаат на нашата земја, Синодот на МПЦ молчи. Пастирите на Македонскиот народ наместо да реагираат на клетвите кои доаѓаат од Грчките владици и црковни лица, во полн комодитет си ги возат џиповите, диплат милионите и уво не им чуе. Едноставно, гајле им е ако земјава го смени името, стане двојазична и што уште не.

Ајде, само да молчеа можеби и ќе им простевме, ќе помислевме заточенички се молат за нашиот добробит, ама овие брате мили се рамноправни учесници во конечниот удар кој треба да и се зададе на Македонија. Така на пример, владиката Наум Струмички, деновиве повторно не израдува дека сме си ја нашле мајката а тоа била Бугарија. Наум протераниот од Света Гора, освен што добива по едно евро за квадарат од секој криминал на кланот Заеви, очигледно е дека некое евро пазарил и со Бојко Борисов. Па така дрско веќе 7-8 пати ни кажува дека сме синови на мајка Бугарија. Каков парадокс? Отец кој доаѓа од Црква негатор на МПЦ вели „Македонците се посебен и древен народ.“ а отец кој доаѓа од МПЦ вели „Ние сме настанае во 1945та, претходно сме биле Бугари.“. Ако ви доаѓа нагон после ваквите гротескни случувања да прејдете кај Вранишковски, веднаш да ве одвратам, ставот на неговата црква е поблизок до ставот на Наум и МПЦ-ОА од што е до ставот на отецот Петар кој доаѓа од СПЦ.

Она што е пострашно е тоа што ставот на Наум не е изолиран став на маргиналец, мајчинството го потврди и Синодот на МПЦ со отворено писмо, од кое се оградија единствено влдиците Петар и Агатангел. Среќа доаѓам од епархијата на Агатангел, па кога ќе влегувам во Црква нема да се сомневам дека влегувам во домот на Сатаната, а оние кои се под јуриздикција на протераниот Наум, нека му ја мислат.

Со овие залагања на отец Петар Драгојевиќ, мислам дека и на најневерните Томи треба да им биде јасно дека соседна Србија е единствениот сосед кој не ни го негира името, идентитетот и јазикот. Сосед кој никогаш не не блокирал за ништо и кој единствено има искрени намери кон нас. Црковниот спор беше изговор за бугарските инсталации во Македонија со години да блујат дека ете и Србите нешто не ни признавале. Но, со ова и дефинитивно нивните усти се замолчуваат, затоа што станува очигледно дека СПЦ во никој случај не ни го негира идентитетот, а спорот со МПЦ е спор на две Цркви кој има исклучиво канонски а не некаков идентитетски бекграунд.

Значи, за и на малите деца да им биде јасно за што се работи – СПЦ не негира дека постои Македонски народ, Македонски јазик и Македонска нација, негира дека МПЦ е афтокефална црква, затоа што на неканонски начин, без томос од црквата во чија јуриздикција била, ја има прогласена својата афтокефалност. Тоа се црковни проблеми кои двете цркви треба да си ги решат, но исклучиво меѓусебе а не со вмешување на БПЦ, која јуриздикцијата над Македонија ја има преземано во периодот на фашистичката окупација, а во светот се негира се што произлегува од фашизмот. Така што, за нив нема место на масата – ова е спор на МПЦ и СПЦ, ако треба уште 200 години ќе го решаваат, но ќе го решат и мора да го решат. Оние како Наум и Партеније кои бараат мајчинство во периодот на Втората Светска Војна, треба да ги ставиме во иста група со Усташи, Недиќевци и останати колаборационисти на фашизмот.

Во исто време, постојано го забораваме фактот дека соседна Србија е единствена земја во која Македонското малцинство ужива целосни права, не признава под уставно име и на секој чекор колку што може (затоа што и таа е во мизерна позиција како нас) ни дава целосна поддршка.

Е сега, затоа што вистинските патриоти вината секогаш прво ја бараат во себе, би сакал да ве запрашам: Со што ние го заслуживме ова?

Како православни христијани, Македонците секој православен храм во светот треба да го сметаат за свој, а нашата земја гласаше за прием на Косово во УНЕСКО, истото Косово на кое ордите на ОВК до темел запалија десетици Цркви и Манастири а сквернавеа стотици. Србија не ни негира ништо, а ние гласавме за влез во организацијата за заштита на културното наследство на оние кои систематски уништуваат културно наследство кое е старо 1000 години и не е само на Србија, туку на сите Православни Христијани, вклучително е и наше.

Во истиот ден кога отец Петар ги напиша зборовите кои привлекоа внимание во Македонската јавност, нашата Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, отиде на Приштина за да ја поддржи идејата за создавање на Армија на Косово. Замислете, најголемиот протектор на Косово, САД, е против создавање на Армија а рогатата Радмила е за! Освен што ордите кои сквернават Православни Храмови ги поддржуваме да влезат во УНЕСКО, сега од командантите кои го наредуваат сквернавењето сакаме да правиме легитимни воени официри.

Одиме понатаму, откако дојде на власт Зоран Заев постојано го навредува естаблишментот во Србија, нарекувајќи го националистички, шовинисти. Генијалците како Борјан Јовановски уште натоварија дека Србија е организатор на 27ми април итн. Уште многу други провокации на сите страни. Ако не и даваме поддршка на Србија, барем братски да бидеме воздрѓани, ама не, ние како држава не испуштаме прилика да се приклучиме кон секоја групировка која е анти-српска и тоа е така од бомбардирањето па наваму.

После сите провокации од македонска страна, Србија реагира прилично трезвено и без поголеми таласања, единствено неколку испади на Дачиќ. Се чини, Србите излегуваат најголеми христијани, па на нашите шлаканици не само што возвраќаат со вртење на другиот образ туку и со убави зборови. Прашањето драги мои е: Кога ние ќе станеме вистински христијани? Какви што нели, тврдиме дека сме, а не го почитуваме ни своето а ни оние кои ни го почитуваат…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top