Во четврток (8 февруари 2018 година) во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во 12 часот, ќе биде промовирана монографијата посветена на делото на еден од најголемите македонски автори, Борко Лазески.
Со оваа свеченост започнува и месецот посветен на Борко Лазески во националната галерија на Македонија, по кој веќе следната недела (четврток, 15 февруари) е предвидено отворањето на големата јубилејна изложба во чест на овој автор во Даут пашиниот амам, како и предавањето кое ќе се одржи во истиот објект на 28 февруари.
Монографијата посветена на Борко Лазески е отпечатена на македонски и на англиски јазик, а низ 130 фотографии, на 160 страници се претставени најзначајните остварувања на авторот, неговата биографија, библиографски податоци за творештвото и каталошкиот дел со податоци за делата. На промоцијата на монографското издание за животот и делото на Лазески, ќе се обратат претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, академик Влада Урошевиќ, д-р Небојша Вилиќ, редовен професор на УКИМ и кураторот на проектот, Маја Чанкуловска-Михајловска.
———————
Борко Лазески е роден во Прилеп во 1917 година во семејство на бојаџии – декоратери. Основно училиште и гимназија завршил во Прилеп. Неговиот талент за цртање и сликање уште во текот на гимназиските денови го открива сликарот Велебит Рендиќ, под чии инструкции Лазески слика и ваја подготвувајќи се за Уметничката школа во Белград, на која се запишал во 1933 година кај професорите Љуба Ивановиќ, Никола Бешевиќ и Симеон Роксандиќ. Тој е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници во Прилеп. По завршувањето на Уметничката школа се запишува на Ликовната академија во Белград, во класата на проф. Мило Милуновиќ, а подоцна заминува на студии во Софија на Државната ликовна академија, кај проф. Никола Ганушев, на која дипломира во 1943 година.
По враќањето во Прилеп, активно учествува во формирањето на ДЛУМ и на Уметничката школа во Скопје. Тој е и еден од првите професори на новоформираната Уметничка школа. Како стипендист на француската Влада, во 1946 година заминува во Париз, каде што до крајот на својот престој во 1948 година спацијализира сликарство и мозаик на „L’ecole Nationale Superieure des Beaux-Arts“, витраж кај Момежан и современо сликарство кај Андре Лот.
Борко Лазески во текот на својот живот реализирал повеќе студиски престои во: Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Турција, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и Индија, како и во СССР, Узбекистан, Ерменија и Грузија. Добитник е и на многубројни награди и признанија за своето творештво, меѓу кои и Октомвриската награда на СР Македонија за животно дело во 1987 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.