| четврток, 6 декември 2018 |

Катругалос: Преименувањата се симболичен потег дека повеќе не го оспоруваат грчкиот карактер на Македонија

Преименувањето на аеродромот и автопатот се потези на негирање на иредентизмот, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во интервју за првата програма на грчкото државно радио, јавува дописникот на МИА од Атина.

Новинарката реагираше дека не можело да биде негирање, бидејќи „иредентизмот постои и во Уставот“, на што Јоргос Катругалос објасни дека исто како што во минатото Грција реагирала негативно на иредентистички чекор, така сега реагира позитивно на потезите против иредентизмот.

– На симболично ниво, како што протестиравме и добро правевме, кога ги поставуваа спомениците на Александар Велики како примери за иредентизам, сега кога гледаме комплетно спротивно однесување, кога ги отстрануваат оние работи што се сметаат за симбол на иредентизмот, нормално е дека тоа ќе го поздравиме со аплауз. Тоа е спротивен симболичен потег, дека повеќе не го оспоруваат грчкиот карактер на Македонија, вели Катругалос во интервјуто.

За вчерашната изјава на македонскиот премиер Зоран Заев дека постои подготвеност за име со географска одредница, алтернативниот МНР на Грција вели дека тоа е многу важен чекор кон компримис.

– Штом господинот Заев изјави дека прифаќа сложено име покрива голем дел од патот за чесен компромис, затоа што таа е грчката позиција, како што беше формирана во 2007, а господинот Груевски и националистичкото раководство на соседната земја, во изминатата деценија ја отфрлаа и затоа ова е еден многу важен чекор, коментира Катругалос.

Во однос на веројатноста да се постигне решение, вели дека постои прозорец на можности, но без да се биде сигурен дека ќе се стигне до договор.

– Сѐ уште сме далеку од тоа да кажеме дека ќе постои договор. Но, постојат позитивни точки што не прават да бидеме воздржано оптимисти дека би можеле да стигнеме до конечно решение што ќе биде заемно корисно, додава Катругалос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top