| четврток, 6 декември 2018 |

Измените во законот стапија на сила: Лицата над 70 ќе треба да ја обновуваат возачката на три години

По повеќе од шест месеци собраниска и владина процедура, деновиве стапија на сила измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата што се однесуваат на повозрасните возачи. Измените предвидуваат возачката дозвола за лицата постари од 70 години да се издава со рок на важење до три години, наместо до 65 години како што тоа беше случај до сега.

Возраста на возачите претставува еден од факторите што значително влијаат врз безбедноста на сообраќајот. Генерално, постојат две најзастапени групи учесници – причинители на сообраќајни незгоди, а тоа се младите возачи на возраст до 24 години и возачите постари од 60 години. Ризикот за учество во сообраќајни незгоди кај овие возачи е повисок во однос на останатата популација возачи. Во младите години, како предуслов возачите да учествуваат во сообраќајна незгода, се наметнува недоволното искуство и обученост за справување со предизвиците во сообраќајот, а во постарите години, тоа се физиолошките и психолошките промени кај личноста.

Повозрасните возачи се соочуваат со опаѓање на психофизичките функции, а нивните психомоторни способности се на пониско ниво, со што доаѓа до зголемување на индивидуалните разлики. Поизразени промени во делот на функциите на целиот организам и перцептивно-моторните способности се јавуваат по 40 годишна возраст.

Промените на функциите кај повозрасната група возачи се прикажуваат преку слабеење на видот, посебно можноста за гледање во ноќни услови и во услови на заслепување. Реакциите кај овие возачи се побавни, а движењата помалку координирани. Краткотрајното паметење и обработката на информации се послаби, така што возачите на оваа возраст тешко можат да проценат сложена сообраќајна ситуација. Тешко се одлучуваат и не можат да го прилагодат маневрирањето при ненадејни и изненадни промени на сообраќајната ситуација бидејќи имаат проблем со времето во сите фази на прием, обработка и пренос на информациите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top