| четврток, 6 декември 2018 |

По четири години застој повторно ќе се полага лекторски испит

Лекторскиот испит по четири години застој повторно ќе се полага, рече денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

На предлог на Советот за македонски јазик, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, ја именувал Комисијата за полагање лекторски испит во состав проф. д-р Искра Пановска – Димкова, проф. д-р Олгица Додевска – Михајловска и проф. д-р Симон Саздов. Советот веќе доставил предлог-правилник за начинот на полагање на испитот, којшто се очекува да биде усвоен во текот на оваа недела.

Министерството за култура почна со практично спроведување на измените на Законот за употреба на македонскиот јазик што беа усвоени во Собранието на РМ на крајот на 2017 година, а стапија во сила на почетокот на оваа година. Со измените и дополнувањата на Законот, по четири години застој, се разрешува проблемот и се откочува постапката за полагање на лекторскиот испит што беше оневозможена со досегашната регулатива за начинот на полагање донесена во 2013 година, а лекторска лиценца оттогаш нема добиено ниту еден лектор. Во Законот е специфицирано дека сите неопходни подзаконски акти треба да се донесат во рок од 3 месеци од стапувањето на Законот во сила.

-Јас бев една од оние кои бевме против измените за добивање лекторски лиценци. И тогаш кажувавме дека невозможно е тест за лектори да се прави компјутерски. Тоа се покажа и во пракса, па изминативе 4 години не можеше да се полага лекторски испит и никој немаше добиено лиценца. Со новите измени кандидатите ќе полагаат најпрво влезен тест, потоа тест за лекторирање на текстови и на крај устен испит, рече Искра Пановска Димкова, претседателка на Комисија за полагање лекторски испит.

Лекторскиот испит не се спроведуваше од 2013 година, кога Владата донесе заклучок со кој го задолжи Министерството за култура, по урнек на полагањето на правосудниот испит, да изготви измени во овој Закон и лиценците за лекторите да се добиваат по пат на компјутерски испит, со софтвер обезбеден од Владата. Стручните лица задолжени за подготовка на софтверот од самиот почеток беа согласни дека електронското полагање на испитот не е соодветен инструмент за проверка на знаењето, односно не нуди објективна оценка за знаењето на кандидатот. Сепак, таков софтвер беше изработен, но по изработката, сепак, се утврдило дека е неприменлив и несоодветен, односно дека проверката на познавањето на граматиката, синтаксата, лингвостилистиката, зборобразувањето не може да се врши преку компјутерски тест, по пат на заокружување на веќе понудени одговори, во однапред уредена компјутерска програма, колку и да е таа совршена.

-Иако решението беше неспроведливо, преку Владата досега за изработка на софтверот се исплатени 327.918 денари, за негово одржување за 17 месеци се исплатени 71.502 денари и 40.781 денари за обука на Комисијата за изготвување бази на прашања за полагање испит за добивање на лекторска лиценца и за Комисијата за верификување на прашањата од првиот дел од испитот и на прашањата и практичните примери од вториот дел од испитот за добивање лекторска лиценца. Ние направиме законски измени кои поминаа во Собранието и кон почетокот на годинава стапија на сила и со тоа повторно лекторскиот испит ќе се полага, рече денеска министерот Алаѓозовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top