| четврток, 6 декември 2018 |

СЈО не гледа проблем во тоа што вештакот Тунџев ѝ е татко на вработена во обвинителството

Дали вештачењето за случајот на СЈО „Топлик“ бил направен пристрасно, но и дали постои конфликт на интереси помеѓу вештакот и Обвинителството. Порталот Денешен.мк објави дека спротивно на Законот за јавни набавки СЈО избрало вештаци, кои се веќе на раководни позиции на државни институции. И адвокатите на одбраната во кој се гони поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиевски побараа изземање на вештачењето на доказите бидејќи вештакот е директорот на Агенцијата за катастар Борис Тунџев, а неговата ќерка работи во СЈО, пишува порталот.

Од СЈО за Алфа потврдиле дека ќерката на вештакот работи во Обвинителството, но тоа не било поврзано ниту со вештачењето, ниту со изборот на вештото лице.

„Укажуваме дека тоа не е поврзано  со самото вештачење, ниту пак со изборот на вештото лице кое работело на конкретниот предмет, а кој е овластен судски вештак. Нагласуваме дека законот ги обврзува вештите лица на професионално и законито работење и дека согласно на тие факти, како и на одговорноста која се носи, ова Јавно обвинителство нема причини да се сомнева во објективноста и стручната изработка на вештачењето“, се вели во одговорот од СЈО.

Адвокатите на одбраната сметаат дека вештачењето е направено пристрасно и необјективно, но содржело и правно невистинити податоци.

Со оглед на тоа што СЈО е договорен орган согласно член 4 од Законот за јавните набавки, при склучување на договори со поединечни приватни правни лица за вршење на ваков тип на услуги задолжително требало да го примени Законот за јавни набавки, дотолку повеќе што на пазарот постојат поголем број лиценцирани правни лица кои се даватели на овие услуги, па не е јасно на кој начин и врз основа на кои критериуми СЈО склучил договор.

Според Денешен.мк, на овој начин СЈО врши директно фаворизирање на определени правни лица, спротивно на основните принципи од член 2 на основните принципи на Законот за јавните набавки. Останува да се види дали ќе има кривична одговорност за ваквите незаконски постапки.

Инаку и по неколку рочиштата неделно се закажуваат за случаите кои води СЈО против поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Па еден обвинет доаѓа и на неколку рочишта за различни предмети. А од друга страна случаите во кои е обвинет сегашниот премиер Зоран Заев постојано се одложуваат или воопшто  и не започнато никакво судење и по повеќе од две години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top