На последната седница Советот на Народната банка усвои неколку одлуки за усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди и принципи, како и заради усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките.
Со одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка се воведуваат неколку новини меѓу кои најзначајни се: зголемување на значењето и улогата на надзорниот одбор; воведување обврска за редовна оцена на соодветноста на членовите на надзорниот одбор, управниот одбор и другите лица со посебни права и одговорности; зајакнување на барањата за системот за наградување во деловната банка преку детално уредување на содржината на политиката за наградување во банката; зајакнување на барањата на системот на внатрешна контрола и подетално дефинирање на улогата и значењето на функциите на контрола, односно управувањето со ризиците, контролата на усогласеноста со прописите и внатрешната ревизија.
Во одлуката се дефинирани одговорностите на надзорниот одбор, како и составот и начинот на неговото работење. Во делот на одговорностите, особено внимание му е посветено на воспоставувањето опкружување во кое се промовираат корпоративната култура и вредности преку етички кодекс со кој се дефинираат стандардите и етичките норми што треба еднакво да ги применуваат лицата со посебни права и одговорности и другите вработени во деловната банка.
– Со одлуката е пропишано дека во зависност од големината на деловната банка, природата на финансиските активности што ги врши и ризиците на кои е изложена во своето работење, нејзиниот надзорен одбор треба да определи еден член на управниот одбор што ќе биде одговорен за следење на управувањето со ризиците. Овој член на управниот одбор задолжително ќе биде член и на Одборот за управување со ризиците и не смее да биде надлежен за активности што претставуваат преземање ризици. Исто така, во случај на негово разрешување, банката задолжително ја известува Народната банка за причините за неговото разрешување – соопшти НБРМ.
Со оглед на времето потребно за усогласување со одредбите на новата одлука, предвидено е таа да започне да се применува од 1 јули 2018 година.
Измените и дополнувањата на одлуката за издавање согласности се прават и заради понатамошно подобрување на ефикасноста на постапките за издавање согласности што ги спроведува Народната банка и заради понатамошно усогласување и со базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија и базелските принципи за корпоративно управување.
– Со измените појасно се определуваат документите што деловната банка е должна да ги поднесе со барањето за издавање согласност. Во согласност со последните измени и дополнувања на Законот за банките, како и со базелските принципи за корпоративно управување, членовите на надзорен одбор на деловна банка треба да имаат соодветни знаења и искуство за извршување на своите надлежности, да избегнуваат судир на интереси и да можат да посветат доволно време за извршување на обврските што произлегуваат од надлежностите, да имаат знаења и искуство потребни за независен надзор на работењето на банката, разбирање на активностите што ги врши банката и на материјалните ризици на кои е изложена. Исто така, членовите на управниот одбор на деловна банка треба да поседуваат стручни знаења и искуство потребни за независно управување на банката, а особено за разбирање на активностите што ги врши банката и на материјалните ризици на кои е изложена. Имајќи ги предвид ваквите барања, со измените и дополнувањата на одлуката се предвидува обврска за деловната банка, во постапките по поднесени барања за издавање согласност за именување член на надзорен одбор и член на управен одбор, до Народната банка да ја достави и оцената на соодветноста на предложениот член – велат од НБРМ.
Оценувањето на соодветноста, кое треба да го спроведе банката, се однесува на исполнувањето на поединечните критериуми за член на надзорниот, односно управниот одбор и на соодветноста на предложениот член заедно со другите членови на надзорниот, односно управниот одбор. Меѓу другото, со измените се прави проширување на околностите врз основа на кои се дава оцената дали лицето предложено за член на надзорен или управен одбор на деловна банка има соодветна репутација, така што се додава дека поседувањето соодветна репутација подразбира дека за лицето нема доказ за непочитување на правилата за добро корпоративно управување и договорните обврски кон банката или други правни лица, несоодветна соработка или одбивање да соработува со надлежни органи, вклучувајќи и супервизорски органи, одбивање, одземање или повлекување согласност за вршење одредена функција.
НоваМакедонија.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст