| четврток, 6 декември 2018 |

Светска премиера на филмот „Кога дрвата паѓаат“ на „Берлинале“

Филмот „Кога дрвата паѓаат“ што е копродукција помеѓу Македонија, Украина и Полска светска премиера ќе има на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Берлин – „Берлинале“, во програмата „Панорама“, каде ќе се прикажат пет фестивалски проекции и две затворени проекции за филмските професионалци.

Филмот е во режија на Украинката Марисја Никитук, а на „Берлинале“ ќе се натпреварува во пет категории, меѓу кои и за наградата „GWFF“ – за најдобар прв игран филм.

Продуценти на филмот се македонската компанија „Фокус ин“, украинските компании „Директори филмс“ и „Солар Медија ентертејмент“ и „Месиџ филм“ од Полска.

Македонскиот креативен придонес во филмот „Кога дрвата паѓаат“ го обезбедија Блаже Дулев како монтажер, Александар Пејовски како ко-композитор и Крсте Господиновски како супервизор и креатор на визулени ефекти заедно со цел тим артисти за 3Д и визуелни ефекти.

Приказната во филмот се одвива околу малата хероина која мора да разбере колку е важно да се бори за нејзините соништа. Малото бунтовно девојче, кое има само пет години, учи за животот следејќи ја романсата на нејзината братучетка со млад криминалец, кој подоцна бега поради убиство, а девојката е принудена да стапи во брак со друг човек.

Филмскиот фестивал „Берлинале“ оваа година ќе биде одржан од 15-25 февруари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top