| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров најави отворање на преминот „Маркова Нога – Герман“ во Преспа

Владите на Македонија и Грција работат на повторно отворање на граничниот премин „Маркова Нога – Герман“ во Преспа, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

Тој рече дека за отворањето на овој премин разговарале премиерите на двете држави на средбата во Давос и оти тоа е еден од чекорите што ќе го направи грчката страна во насока на подобрување на климата во односите меѓу земјите.

-Истовремено и од наша страна и од грчка страна се отворени разговори со ЕК во смисла на финансирање и на овој проект и пошироко на прекуграничната соработка во регионот. Таму имаме и национален парк што ги поврзува и трите држави, Македонија, Грција и Албанија. Очекувам резултати во наредните неколку месеци, изјави Димитров.

Половина век, жителите на Преспа чекаат да се дигне старата рампа и да се отвори граничниот премин. Во 1967 Грција донела политичка одлука и го затворила преминот. Првите најави дека пак ќе проработи беа во 1999, на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Македонија Јоргос Папандреу и Александар Димитров. Во 2009, Антонио Милошоски како министер за надворешни работи упати писмо до грчката колешка Дора Бакојани со барање за отворање на преминот. Но, таа го одби. Пред три години, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека нема да се сруши вселенски брод ако се отвори преминот. Најновото ветување го даде грчкиот премиер Ципрас на 24 јануари.

Последната најава од Давос на грчкиот премиер Алексис Ципрас дадена на средбата со македонскиот колега Зоран Заев за отворање на преминот, жителите од Преспа ја дочекаа со оптимизам, но без големи очекувања.

 

Отворањето на преминот би значело економски развој. Преспанци се жалат дека најблиското село Роби на грчка страна им е на два километри, а за да стигнат дотаму треба да минат 150 километри, односно да вратат околу преку другиот премин Меџитлија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top