„Моја порака до германските даночни обврзници е: не се секирајте, нема ништо да ве чиниме“, вели хрватскиот премиер Зоран Милановиќ во интервју за минхенскиот магазин Фокус. „Дури и да се скршиме, бидете сигурни дека тоа ќе е наш проблем а не ваш, додавајќи дека Хрватска веќе си ги направила патиштата и без германски евра. Милановиќ се надоврзува дека нема потреба ниту од рестрикции за хрватските работници и дека не се опасност за германските работни места. Премиерот ги уверуваше Германците дека состојбата во Хрватска не е споредлива со Грција, па вели „Нашата земја не е во еврозоната и воопшто нема основа да се случи нешто слично како во Грција.
Дер Шпигел
Дојче Веле во преглед на германскиот печат одвои напис од Дер Шпигел во кој се нагласува дека Хрватска премалку ги искористува потенцијалите и го спомнува проблемот со корупција, невработеноста, превработеноста во јавниот сектор и многу необработена земјоделска површина.
„Едно е сигурно, а тоа е дека на Хрватска ќе и треба помош од Брисел“ заклучува Дер Шпигел. Авторот пак на текстот воочливо напоменува дека сонот за Европа за многумина Хрвати ќе стане кошмар. „Половина од младите Хрвати се без работа, невработеноста изнесува 20 проценти. Силната европска конкуренција ќе ги однесе во пропаст многу застарени компании“, се додава во Дер Шпигел со заклучок дека Хрватска нема да има корист од ЕУ.
Франкфуртер Алгемајне Цајтунг
Франкфуртер Алгемајне Цајтунг предупредува на скандалот околу Јосип Перковиќ, чија што екстрадиција германското државно обвинителство повторно ќе го побара по први јули, кога Хрватска ќе биде членка на ЕУ. „Перковиќ остана неказнет бидејќи хрватскиот Устав забранува испорачување на хрватски граѓани па хрватскиот систем не виде причина да се занимава со тој случај„ , додава ФАЦ, пишувајќи за Јосип Перковиќ поранешниот шеф на југословенската УДБА. Тој е обвинет како наредбодавец за убиство на поранешниот директор на компанијата ИНА пред 28 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


