| четврток, 6 декември 2018 |

Зорица Чавкова: Здравствената состојба на татко ми е алармантно влошена!

Семејството на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков е загрижено поради неговата влошена здравствена состојба.

Зорица Чавкова, ќерката на Митко Чавков денеска се огласи по повод здравствената состојба на нејзиниот татко, која сè повеќе се влошува. Таа на својот Фејсбук профил споделила статус во кој пишува дека неговата срцева функција е намалена за 50 отсто.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, и уште 35 лица се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните што се случија на 27 април 2017 година, според член 313 од Кривичниот законик, за кое е предвидена минимална казна затвор од најмалку 10 години.

Семејството на Чавков ѝ укажало на полицијата дека Митко има проблеми со срцето и дека е потребно редовно да прима лекови, но полицијата не им дозволила тие да му ја дадат потребната лекарска терапија и со тоа свесно дозволиле да се загрози неговиот живот.

Еден од неговите адвокати, Петар Василев, во дебата за “Макфакс” изјави дека поради фактот што на Чавков летото му е вметнат стент, проблем му претставува физичкото здравје бидејќи во затворот во Шуто Оризари не може да ги спроведува препораките на лекарот да се движи од 8 до 10 километри дневно.

Чавков за време на настаните во април раководеше со оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи. Тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратениците и новинарите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top