| четврток, 6 декември 2018 |

Од понеделник почнува постапката за ослободување на околу 800 затвореници

Законот за амнестија од утре стапува во сила, а од понеделник затворите ќе почнат со дистибуција на затворските досиеја на осудените лица до судовите кои им ги изрекле затворските казни.

– Брзината на излегување на амнестираните зависи од судовите – велат од Управата за извршување на санкции.

Оттаму потврдија дека се подготвени за доставување на сите решенија што ги ослободуваат осудените лица од издржување на казна затвор.

– Организирани сме до сите судови на рака да им се пренесат решенијата за да не се губи време по пошта – истакнаа од Управата и посочуваат дека станува збор за околу 800 амнестирни затвореници.

Динамиката, според Управата за извршување санкции, зависи од судовите кои ги изготвуваат решенијата.

– Како судовите ќе изготват решенија, така тие треба да се достават до затворите, да се потпишат и да се вратат назад. Значи, брзината на излегување зависи од судот. До понеделник се ќе биде доставено до судовите во целата Република – додаваат од Управата.

Законот за амнестија кој е донесен на 15 јануари, покрај амнестирањето на околу 800 затвореници, предвидува и намалување на казната за 30 отсто и на 3.097 осудени лица.

На овој начин, според Владата, која е предлагач на Законот, ќе се заштедат буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на условите во казнено-поправните домови.

Со ова законско решение амнестија не е предвидена за лицата осудени за убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, за силување, педофилија, посредување во вршење проституција, потоа за кривични дела против државата, за злосторничко здружување, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top