Изминатиот период се почести се поплаките од страна на користиниците на јавниот превоз упатени до дел од возачите на атобусите. Една од нив е Ана од населбата Аеродром која имаше забелешки за однесувањето на професионалните возачи, а во продолжените пренесуваме и дел од статусите на социјалните мрежи кои беа објавени со цел да бидат слушнати од пошироката јавност и со надеж дека ќе стигнат од одговорните лица во ЈСП.
-Непрофесионализам и некултура се зборовите со кои би ги опишала возачите на ЈСП, секако со чест на исклучоци. Со автобус се возам во деновите кога загадувањето е на високо ниво, инаку пешачам и верувајте секое мое влегување е каење зошто сум се качила во автобус. Живеам во населбата Аеродром и си одам со 5-ка, возачот кој беше во сериозни години, би рекла блиску пред пензија се однесуваше крајно агресивно и безобразно кон сите патници. Не застануваше прописно на автобуските постојки, луѓето трчаа да го фатат автобусот, а вратите им ги затвораше во моментот кога стигнуваа да се качат и си продолжуваше како ништо да не се случило. Постојано упатуваше пцовки и недолични зборови до патниците кои стигнуваа до автобусот, како и до возачите на останатите возила. Ова го кажувам јавно, бидејќи одговорните лица во ЈСП треба да се позанимаваат со однесувањето на возачите, бидејќи се однесуваат како шерифи и не ја вршат професионално својата работа, а на тој начин го рушат угледот на јавното претпријатие, истакна Ана од скопски Аеродром.
Во продолжение ќе прочитате статуси од револтирани граѓани кои се корисници на јавниот превоз.
-Една амеба од шофер денес во ЈСП ќе повредеше постара жена на која ѝ ја затвори вратата на влегување, само затоа што подзастанала да види кој број е автобусот позади. Ајде тоа што го направи, ќе си речеш, може случајно. Ама он толку многу почна да вика по неа, „кај гледаш, што правиш, што се влечеш ко црево, тебе ли ќе те чекам“ што се шокиравме сите. Женава му вели „Па за тоа ли требаше да ме стиснеш со вратата?“, а „мудрецот“ без грам мозок и одговори без срам и перде „Сум пукнал тебе да те стискам, ај да си млада па да те стиснам!“ Па почна тука да ја вреѓа… „стоко“, „краво“, „мрш мори“ и слични зборови кои од чиста култура тука нема да ги употребам. А тоа што само ние жените некако и изреагиравме за недоличното однесување на шоферот и покрај стравот да не ни се сипе и на нас бидејќи беше поприлично агресивен и гласен, а не се најде ниту еден „јунак“ од мажите да застане во одбрана на жената, е тоа е веќе друга приказна… Познавајќи ни го менталитетот, не бев воопшто изненадена! Ѝ спомнав на жената на излегување да го пријави во ЈСП. Не знам дали го направила тоа и дали ме чу воопшто, беше многу вознемирена. Ама таквите луѓе постојат и работат тоа што работат, затоа што не мрдаме со мало прсте за да бидат казнети. Во светот, таму некаде, шофер на градски автобус со најголема почит се однесува кон стари лица и инвалиди, затоа што тоа му е должност! Да застане ако треба, да стане од седиштето и да помогне! Ќе лета од работа веднаш, ако не го направи тоа! А не да вреѓа и да пцуе и да се понаша како автобусот да е на мајка му!
Друг незадоволен граѓанин напиша:
-Пошто имаме доста шофери од јсп и од приватниците коишто одма се бунат кога ги сликаме како возат автобус и зборат на телефон, да ве потсетам дека имате рампи за инвалиди инсталирано во автобусите, впрочем затоа се земаа нископодни автобуси, за да можат инвалидизираните лица да се качат во автобус. По кој знае кој пат ве гледам дека не само што не спуштате рампа за овие лица туку не знаети ниту да застанете прописно на автобуска станица. Не би било лошо да поработите на вашиот професионализам, срамно е вашето однесување. Во Америка шофер на автобус станува од волан да помогне на лицата со количка иако немаат проблем за влегување во автобус и додека не ги смести и обезбеди патниците со потешкотии не ја напушта станицата. Професионалноста на државните и на приватните превозници е на “завидно“ ниво, џабе им проговара човек кога немаат срам и не ни одговараат на жалбите и поплаките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.