Хрватските ракометари не успеаја да се пласираат во полуфиналето на Европското првенство во ракомет откако денеска загубија од Франција со резултат 27 – 30.
Избраниците на Лино Червар во Арената во Загреб пред 15 000 гледачи не успеаја да постигнат барем нерешен резултат за да влезат во битката за првите четири места. Хрватска во првото полувреме изгуби дури осум топки, а пет такви ситуации беа доволни Франција да постигне исто толку голови.
Французите ги казнија Хрватите и со неколку брзи контри, што беше решавачко за натпреварот. Хрватите водеа само на почетокот на натпреварот со најмногу еден гол разлика. Потоа Французите го презедоа водството, така што пред крајот на првото полувреме водеа и со шест гола разлика.
Хрватска во петок ќе игра против Чешка за петто место. Во полуфинале се пласира и Шпанија, чија репрезентација ја совлада Германија со 31 – 27.
Полуфиналните двојки на европското првенство во Хрватска кои ќе се одиграат викендов се Данска – Шведска и Шпанија – Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.