| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот на Советот на обвинители, Коле Штерјов, направил сообраќајна несреќа кај Штип

Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјов направил сообраќајка пред Штип во која го оштетил службеното возило на Советот, јавува Сведок.

Според информациите на порталот, Штерјов сам го управувал службеното возило, најверојатно за приватни потреби. Извори од Советот тврдат дека не биле зпознаени дека претседателот требало да патува службено, туку најверојатно се упатил кон неговата викендичка во кочанско од каде што потекнува, а живее во Скопје.

Полицијата за Сведок ја потврдила сообраќајката.

– Настанот се случил на 28.12.2017 година во 12.15 часот на магистралниот пат Велес – Штип, кај штипската клучка, кога патничко моторно возило Шкода октавија со скопски регистарски таблички, управувано од Коле Штерјов (58 години) од Скопје излетало од коловозот и удрило во бетонски ѕид покрај патот- соопштија од СВР Штип за Сведок.

Според полицијата, Коле Штерјов кој бил возач, се здобил со телесни повреди кои му биле констатирани во Клиничката болница во Штип, по што, не бил задржан во болница, туку пуштен на домашно лекување.

-По овластување на јавен обвинител увид изврши СВР Штип. По комплетирање на увидот, против возачот е поднесена прекршочна пријава, соопшти полицијата.

Според информации од терен, патници кои оделе кон Штип, застанале да му помогнат на Штерјов, но тој одбил, бидејќи чекал да дојде јавниот обвинител на Штип и да го земе.

Возилото, кое било оштетено, според информации на Сведок било донесено во Скопје, во автомобилска компанија во која работи сопругата на Штерјов, но поправките се покажале како скапи, па претседателот на Советот на обвинители сега од обвинителската организација бара средства за поправка на автомобилот. Поради „приватноста“ на маршутата настанот бил криен од членовите на Советот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top