| четврток, 6 декември 2018 |

Русија ја забрани француско-британската комедија „Смртта на Сталин“ (видео)

Руското министерство за култура во текот на вчерашниот ден го откажа прикажувањето на француско-британската комедија „Смртта на Сталин“, која на редовниот репертоар на руските кина требаше да биде поставена во четврток. Руските филмски работници и политичари филмот го оценија како навредлив и како „пропаганда“.

„Лиценцата за дистрибуција на филмот „Смртта на Сталин“ е повлечена“, изјавила портпаролката на секторот за филм во руското министерство.

Филмот на Армандо Инаучи кој во четврток требаше да почне да се прикажува во Русија и кој беше забранет за лица помлади од 18 години, на комичен начин ја раскажува борбата за власт на најблиските соработници на Сталин, по неговата смрт во 1953 година.

Филмските работници, пратеници и политичари од Русија, кои во понеделникот го гледале филмот во министерството за култура, потпишаа апел упатен до министерот Владимир Медински со кој побарале забрана за прикажување на комедијата која според нив е „напад на руските државни симболи“.

„Бараме да спроведете дополнително судско вештачење, а во меѓувреме да се повлече дозволата за прикажување на филмот“, напишаа дваест руски функционери, меѓу кои и Никита Михалков и ќерката на советскиот генерал Георгиј Жуков, Ера Жукова.

Медински оцени дека филмот може да се толкува како „навреда и исмејување на советското минато, за земјата која го поразила фашизмот, за Советската армија и обичните луѓе, па дури и за жртвите на сталинизмот“.

„Откажувањето на почетокот на проекциите на филмот не е цензура“, изјави Медински за руските новинари. Тој исто така го критикуваше и терминот избран за прикажување на филмот, само една недела пред прославата на 75-годишнината од советската победа над нацистичка Германија во Сталинград.

„Не само Сталин туку и сите негови соработници, вклучувајќи го и Жуков, се прикажани како малоумници и покрај тоа што победиле во војната“, изјавил член на Советодавното собрание на руското министерството за култура.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top