| четврток, 6 декември 2018 |

Средбата Заев – Ципрас во 15 часот

По засилената динамика за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција, полето на преговори за решение на спорот за името ќе се префрли и во Давос, каде што Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на Светскиот економски форум ќе ја имаат првата средба.

Учеството на Алексис Ципрас на Светскиот економски форум во Давос и средбите со Зоран Заев и Кристин Лагард, се главните теми во грчките медиуми во изминатите 24 часа. Паралелно со заминувањето на грчкиот премиер во швајцарскиот зимски ски центар, во Грција, јавува дописникот на МИА од Атина, не запира дебатата за протестите за „одбрана на името Македонија“, но со несмален ритам продолжуваат и препукувањата меѓу владејачката СИРИЗА и опозициската Нова демократија во однос на прашањето за името.

„Денес одлучувачката средба Ципрас – Заев“; „Време е за македонското прашање во смрзнатиот Давос“; „Предлозите на Нимиц на средбата Ципрас – Заев“; „Во снежниот Давос, се одлучува за скопското прашање“;„Момент на вистината за скопското прашање“; „Ципрас – Заев во снежниот Давос: Ќе се стопи ли мразот за името на Скопје?“, се само дел од насловите во грчките медиуми во најавата и анализите за денешната средба на двајцата премиери на маргините на форумот.

Според официјалната програма на грчкиот премиер,  Заев и Ципрас ќе се сретнат во 15 часот.

И онлајн изданијата на весниците и информативните портали, но и телевизиите во Грција објавуваат дека грчкиот премиер на средбата заминува со грчката национална позиција што ќе му ја пренесе на неговиот македонски колега – дека Атина сака сложено име со географска или друга одредница, ерга омнес. Но, и дека Алексис Ципрас од Зоран Заев ќе побара практични и материјални докази и потези дека иредентизмот веќе му припаѓа на минатото.

„Атина очекува потег на добра волја од Скопје, што ќе му даде можност на грчкиот премиер да го поддржи аргументот дека политичките околности и во двете земји се можност за решавање на прашањето. Овој потег може да биде исполнување на едно од ветувањата на Скопје, или преименување на аеродромот во Скопје или отстранување на споменикот на Александар од центарот на градот“, пишува порталот Ријал, онлајн изданието на неделникот Ријал њуз, пренесува МИА.

Според новинарот, се очекува двајцата премиери да дадат оценка на досегашните преговори и да ја истражат можноста за договор врз база на последните предлози на Нимиц.

– Од кабинетот на Ципрас, денешната средба ја опишуваат како „момент на вистината“, односно клучна точка за да се види во пракса дали најавите на господинот Заев за расположение за конструктивен придонес во преговорите и волја за неопходните компромиси се реални или не, коментира „Катимерини“

„Алексис Ципрас и Зоран Заев денеска ќе имаат можност да ја искористат преговарачката подготовка меѓу преговарачите на двете земји, но и на министрите за надворешни работи, за да може да се влезе во суштински разговор и да се одреди колку се блиску или далеку нивните позиции“,  пишува информативниот портал Њуз 247.

„Во владата, првично негуваа амбиции дека средбата може да донесе дури и конечен договор. Сепак, ова очекување е далеку од реалноста“, објавува информативниот портал Ин.

Според официјалните изјави, како од владиниот портпарол, така и од шефот на грчката дипломатија, Атина очекува да се направи напредок во насока на изнаоѓање на заемно прифатливо решение, но е и во исчекување на „разговорите во Давос што ќе покажат каде се движиме“.

Во анализите и коментарите во грчките медиуми, независно дали станува за весник, телевизија или портал, новинарите, денешната средба во Давос, индиректно ја поврзуваат со протестот во Солун и најавените демонстрации за 4 февруари во Атина.

Од исходот на средбата со македонскиот премиер ќе се знае кои ќе бидат и следните чекори на Алексис Ципрас, дали ќе побара од претседателот свикување лидерска средба или ќе има одделни средби со претседателите на политичките партии. Грчките медиуми, јави дописникот на МИА од Атина, не исклучуваат ниту едно од овие сценарија, со оглед на тоа дека грчкиот премиер се стреми кон постигнување на најширок можен национален консензус, но се ќе зависи од текот на средбата со Заев во Давос.

Изминатиов период и двајцата премиери даваа изјави во кои изразија оптимизам дека решението на спорот за името е можно уште во првата половина на оваа година.

Ципрас неодамна изјави дека смета оти годинава се отвoра прозорец на можности за решение и дека е потребно да се донесат одлуки. Според Ципрас, 2018 е важна година за Грција не само затоа што по цели осум години, конечно, излегува од меморандумите туку и поради тоа што истовремено се отвора еден важен прозорец на можност за решавање на името. „Убеден сум дека сега е дојдено време да ги донесеме неопходните одлуки за да ја оправдаме улогата на Грција како водечка сила на Балканот, но и како столб на стабилност во поширокиот регион“, рече Ципрас.

Во интервју за „Етнос“, пак, Ципрас наведува: „Повеќе од 25 години нашите соседи се признати како Република Македонија од многу земји во светот, а ние насекаде се бориме сите да ги нарекуваат ФИРОМ. Не е неразумно терминот Македонија да биде вклучен во новото име за земјата“.

Заев пред четири дена изјави дека верува оти помеѓу две земји, кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поголеми пријатели, ќе се изнајде решение во кое ќе се сочува достоинството на двете страни и буквално ќе биде придобивка за иднината на граѓаните на двете земји.

-За суштината на предлозите, на разговорите, на рамката што е испорачана, не би требало јавно да зборуваме, да не ги уништиме шансите на преговорите. Гледате дека се води транспарентен процес, знаете дека сакаме со национален консензус да го изградиме решението на ова прашање и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат. Јас сум убеден дека ако бидеме внимателни, ако водиме грижа дури и за грчката страна, а грчката страна да води грижа за нашата страна, верувам дека ќе се изнајде решение за ова прашање што веќе 25 години нè измачува, пред сè, нас, граѓаните на Република Македонија, рече Заев во саботата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top