| четврток, 6 декември 2018 |

Невакцинирана 21-годишна родилка починала од мали сипаници

Од почетокот на појавата на епидемија на мали сипаници во Србија, од октомври минатата година досега, од 1.225 заболени, тројца пациенти починале.

Последниот трагичен случај е завчерашниот во Ниш. 21 годишна родилка, која не била вакцинирана како дете, починала по породувањето од компликации од мали сипаници. Нејзиното новороденче е исто така заразено од мали сипаници, но како што известуваат српските медиуми, тоа е згрижено и во добра општа здравствена состојба.

Во Србија постои загриженост за општото здравје на населението, бидејќи се повеќе родители одлучуваат своите деца да не ги вакцинираат.

Имунологот Срѓа Јанковиќ, вели дека е неопходно подигнување на општата имунизација на населението, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречат трагични последици од заболување од мали сипаници.

Зборувајќи за бројот на жртви во последните неколку месеци, Јанковиќ вели дека исходот секако би бил поинаков, доколку заболените биле вакцинирани:

,,Мора да кажеме дека и вакцинираните може да заболат, посебно ако колективниот имунитет е на ниско ниво. Но, вакцината во голема мера штити, не само од заболување, туку и од трагични исходи во случај на заболување“-вели Јанковиќ.

Американскиот Стејт Департмент издаде предупредување за американските граѓани да не патуваат во Србија заради епидемијата на мали сипаници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top