| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Кој ќе сноси одговорност ако докажеме дека пратениците бесправно се држат во притвор?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на повеќе актуелни теми разговара во „Топ тема“ на Телма телевизија.

Тој вели дека пратениците бесправно се држени во притвор за случувањата на 27-ми април.

-Тоа е страшно што се случува со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои во моментов се наоѓаат во притвор. Веќе втор пат им е продолжен притворот за дополнително 30 дена. Пратеници, но и родољубиви патриоти кои нова година и божиќните празници ги поминаа позади решетки во затвор, бесправно држејќи ги таму иако знаеме дека голем број на луѓе кои во минатото беа осудени за сторен криминал се наоѓаат на слобода, нивните казни се преќинати и тие се ослободени. Навистина е еден тежок, еден траорен момент да се соочите со семејството на тие луѓе бидејќи и тие самите знаат дека се бесправно држени таму, рече Мицкоски.

Вели дека како претседател на најголемата македонска партија сочувствува со оваа ситуација и дека ги следи законите и правилата за да направи се и да се избори нивната невиност да биде докажана.

-Што доколку ние ја докажеме нивната невиност? Кој ќе сноси одговорност? Дали премиерот на државата? Министерот за внатрешни работи, што прекрши неколку членови од кривичниот законик и од Уставот на државата и од други типови на документи, ќе сноси ли одговорност и ќе поднесе ли неотповиклива оставка? Многу закони се прекршени во процесот на нивно апсење.Што доколку ние како луѓе и нивните адвокати ја завршат правната постапка, дали во Македонија или пред Судот за човеков права во Стразбур, и се донесе одлука дека апсолутно бесправно биле ставени во притвор? Мора да се воведе институтот “одговорност“ во оваа држава. Не може вие да имплементирате сила затоа што чувствувате дека сте силен човек. Мора да ги почитувате законите! Во првиот момент кога ќе се соочите со фактот дека не сте ги почитувале законите, вие мора да сносите одговорност за тоа, порача Мицкоски на Телма телевизија во интервјуто снимено во партиското седиште.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека Народниот правобранител веќе го лоцираше проблемот и сите прекршувања на закони во постапката на приведување и ставање во притвор на пратениците, а министерот соочен со фактите дополнително манифестира ароганција тврдејќи дека ги почитува законите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top