| четврток, 6 декември 2018 |

Кралицата Елизабета ја раскина соработката со жената која ѝ ги прави градниците

Компанијата „Rigby & Peller“ од Лондон ја изгуби привилегијата да соработува со британското кралско семејство, откако сопственичката Џун Кентон ја објави нејзината автобиографија.

Кентон, која ја произведува долната облека на кралицата Елизабета Втора и други членови на кралското семејство уште од 1960 година, во нејзината книга „Storm in a D-Cup“ открива дека била официјален производител на градници за кралското семејство и дека своевремно редовно ја посетувала Багингемската палата за да зема мерки.

„Жал ми е што Бакингемската палата го сфати ова како навреда. Станува збор за симпатична приказна за тоа што ми се случило во животот и мојата професија. Сѐ што напишав во книгата е дека сум одела таму. Ниту еднаш не спомнав како сум работела таму ни што сум правела со нив“, додава 82-годишната Кентон.

Таа вели дека не може да поверува дека кралското семејство одлучило така и дека најверојатно пред објавувањето на книгата требало да праша за дозвола, но додава дека воопшто не ѝ поминало ни глава дека такво нешто би можело да се случи.

„Толку ме вознемирува што ова ми се случува при крајот на животот. Но, што можам? Нема да се расправам со Палатата, ниту пак сакам, ама тешко ми е“, рече таа.

Бакингемската палата одби да го коментира случајот.

Британското здружение за кралски привилегии соопшти дека тоа што компанијата го изгубила статусот нема врска со објавувањето на биографијата и додава дека секоја година се откажуваат 20 до 40 привилегии и им се доделуваат на други компании.

Кралските привилегии, што ги потпишуваат само кралицата Елизабета Втора или принцовите Филип и Чарлс, се доделуваат на компании и занаетчии кои во претходните 5 до 7 години вршеле исклучителни услуги за кралското семејство или го снабдувале со исклучителни производи.

Привилегиите не се доделуваат на бизниси или поединци кои имаат врска со банкарство, право или новинарство.

Во моментов, вакви привилегии уживаат околу 800 компании и поединци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top