| четврток, 6 декември 2018 |

Ги помешале сперматозоидите – 26 парови очекуваат туѓо дете

Холандскиот центар за медицински помогнато оплодување соопшти дека е можно 26 жени да се оплодени со сперматозоиди на погрешен човек.

Од медицинскиот центар на Универзитетот во Утрехт порачаа дека за ова е виновна „процедурална грешка“ која што се случила во периодот од април 2015-та до ноември 2016-та година.
Половина од паровите кои што го посетиле медицинскиот центар за оплодување веќе очекуват дете или го имаат добиено. Од медицинскиот центар велат дека сите нивни пациенти биле известени и во соопштението се вели дека им е жал што паровите морале да ја добијат оваа вест.

„За време на оплодувањето, сперматозоидите на еден пар кој што беше на третман, веројатно се споиле со јајцеклетките на преостанатите 26 парови. Поради тоа, постои можност јајцеклетките да се оплодени со сперматозоидите на еден маж, односно не на тој кој што всушност требало да биде татко на детето“, стои во соопштението.
Иако веројатноста да се случи тоа е мала, сепак од центарот велат дека не треба да се исклучи таа можност. Постапката, односно третманот кој што го добиле паровите се нарекува Интрацитоплазматско иницирање на сперматозоидите и се разликува од „ин витро“ оплодувањето.

Кај оваа техника, еден сперматозоид се вбризгува директно во женската јајцеклетка. Се верува дека еден од лабораториските техничари во периодот помеѓу април 2015-та и ноември 2016-та година користел неприкладни инструменти при вбризгувањето на сперматозоидите.


Иако во секој случај тој земал нова пинцета, техничарот секогаш го користел истиот гумен врв, се додека на него не пронашол траги од сперма, по што настанала паниката во центарот. Гумениот врв треба да има прочистувач, но во овој случај го нема, соопштил портпаролот на медицинскиот центар на Универзитетот во Утрехт.
Од 26-те парови кои што го посетиле центарот, девет парови веќе добиле дете, а уште четири жени се бремени. Преостанатите 13 ембриони се замрзнати. Сите парови во следните неколку дена би требало да се состанат со докторите од центарот, а ќе им биде понудена можност да извршат ДНК тестирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top