| четврток, 6 декември 2018 |

МОН по два дена молк: Секуларноста треба да се почитува во училиштата

По два дена откако ученици учествуваа во бадникарските поворки, конечно се огласи и Министерството за образование. Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:

Во врска со случувањата на 06.01.2018 година, кога групи деца учествуваа во верски манифестации во повеќе градови низ Република Македонија, Министерството за образование и наука известува дека станува збор за период кога учениците се на зимски распуст, кога нивните родители, односно старатели го организираат користењето на слободното време и активностите на нивните деца.

Воедно Ве информираме дека од Министерството за образование и наука не била побарана, ниту Министерството дало согласност за превземање на било какви активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манфестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година.

Во оваа прилика укажуваме дека на граѓаните на Република Македонија им се гаранитира правото на здружување и слободата на вероисповеста, односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, но во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“. Воедно, наставниците во спроведувањето на наставата по сите задолжителни или изборни предмети, се должни да ја следат програмата која е утврдена од страна на Министерството.

Заради расчистување на било какво сомневање околу прекршување на законските одредби од областа на образованието, Министерството за образование и наука во текот на утрешниот ден ќе побара од Државниот просветен инспекорат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата.

Воедно напоменуваме и дека вршење на инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат беше невозможно во изминативе неколку денови, со оглед на тоа што покрај учениците кои се на зимски распуст и вработените во училиштата се ослободени од активности до 09.01.2018 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top