| четврток, 6 декември 2018 |

Тројанскиот коњ Заев и неговата ергела тројански коњи

Македонски народе, не доаѓа во предвид менување на името Република Македонија! Тоа ќе биде најголем политички и историски фалсификат и наша национална срамота и смрт! Грчките и големоалбанските заговорници за менување на нашето свето име без референдум нека си ги менуваат своите национални имиња на таков бесрамен, државно-криминален начин!

Алдо Климан

Овој текст му го посветувам на својот драг и почитуван пријател Ристо Кизов, роден во селото Нерет, Леринско, прекрасен човек и големо и незаобиколно име на македонскиот шах со меѓународна репутација, еден од илјадниците и илјадници Македонци страдалници од преубавиот, грубо откраднат егејски дел на Македонија, со македонските градови Солун, Лерин, Воден, Костур, Ениџе Вардар, Серез и со безброј други ограбени наши македонски градови, гратчиња, села и населени места низ цела Егејска Македонија, и само една од безбројните тешки човечки жртви на безмилосните освојувачки, ништителски, денационализаторски и геноцидни грчки политики од XIX век, преку целиот XX век, со повеќедеценискиот најцрн фашистички режим, па се’ до денешната неприкриена фашистоидна и негаторска шовинистичка политика спрема бројното македонско национално малцинство во Република Грција и воопшто спрема целиот македонски народ, како и со нескриено длабока омраза кон суверената европска и светски признаена држава Република Македонија.

* * *

„Не им верувај на Данајците (Грците) ни кога дарови ти носат!”

Оваа прочуена мисла на еден од најславните умови, античкиот римски филозоф, државник, правник, политичар и најзначаен римски говорник Марк Тулиј Цицерон треба секодневно да ја имаме на ум и пред очи додека сега Грците бесно, бедно и нецивилизирано ни ја готват смртта на уставното име на нашата татковина Република Македонија.

Сите од митологијата добро знаеме што и’ се случи на лекомислената Троја од која не остана ни камен на камче, ни пепел на пепелче кога се излажа и го прифати префидниот грчки подарок – Тројанскиот коњ. Токму тоа ја чека и Република Македонија и сите нас нејзини граѓани доколку го прифатиме бесрамното грчко барање да си го промениме уставното име на својата суверена држава. Но мора да ни биде сосема јасно дека сето тоа зависи од нас, македонски народе – и само од нас! – од секој поединец, зашто ние во „нашата” ненародна, предавничка влада немаме само еден голем дрвоглав Тројански Коњ – квислиншкиот премиер Заев, туку цела ергела Тројански Коњи, Маски и Магариња со дрвени бесчувствителни глави, а од нивните дрвени мевови секојдневно, како во стрипови од жолтиот печат, искокнуваат разни цинични Коѕиаси, Ципраси, Бутариси и кој се’ не, со наместени данајски насмевки и перфидни изјави во стилот „нашиот мил северен сосед” и „нашата мила пријателска северна земја”. Последниве денови, и особено околу бедното подлизурковско трчкање на коленици на Заев кај градоначалникот на Солун, еден од најосведочените мрзители на македонскиот народ, кој ни предлага да си најдеме нов идентитет, се наслушавме еден куп такви клистирски грчки политички ли(з)гавења на кои веројатно само Тројанскиот Коњ Заев и неговата ергела Тројански Коњи, Маски и Магариња им веруваат, бидејќи се длабоко мрачно инволвирани во планираното меѓународно злодејство кон Република Македонија, со сите други стравотни национални последици.

Но да видиме како навистина стојат работите со она што зад тие расипано-дипломатски, лицемерни изјави на грчките политичари се крие.

Еве што: Република Грција буквално врши отворен меѓународен злостор, те. безобѕирна политичка агресија врз територијалниот интегритет и државниот суверените на Република Македонија. Токму тоа значат нејзините дрски, уценувачки барања за менување на името на Република Македонија, на аеродормот и на автопатот Александар Македонски и за уривање на спомениците на Александар Македонски и Филип II во центарот на нашата македонска метропола Скопје. Внимавајте, Грција не бара тоа да се случи на нејзината државна територија, што би било незино право, или во некој апстрактен, недефиниран и безвоздушен простор, туку директно интервенира на територијата на друга суверена држава – Република Македонија, каде што се наоѓаат и аеродромот, и автопатот, и спомениците, што најсуштински значи само едно: нескриена политичка агресија, која треба да се трансформира во конкретна физичка и административна форма на агресија врз територијалниот интегритет и државниот суверенитет на Република Македонија, што е спротивно на меѓународното право.

Само најзакоравен предавник може тоа да им го дозволи на безочните современи грчки политичари. Навистина, на чело на актуелната македонска квислиншка влада се наоѓа токму таков роден предавник, Зоран Заев, баш онаков каков што на актуелната грчка фашистоидна братија и’ е потребен за реализација на тој, во меѓународната практика незапомнет вандалски потфат. Но, и предавникот Зоран Заев, и неговиот кутар предавнички компањон Никола Димитров со целата нивна предавничка и големоалбанска клика, и запенетите иронични грчки политички главешини, па и тамошните грчки ситни разнопартиски риби, мора добро да знаат дека овде, на браникот на својата бесно агресирана татковина Република Македонија стои македонскиот народ кој, и по цена на крајно болно трпење на најгорчливи диктаторски и репресивни искуства со кои, еве, веќе трагично се соочува во својата родена татковина, нема да го дозволи тоа и такво ординарно лудило.

А, впрочем, какви поинакви искуства воопшто и имал македонскиот народ со старите грчки политики во текот на XIX и целиот XX век, како и со оваа современа грчка освојувачка политика, освен денационализаторски атаци, најцрн геноцид, безочни прогонства, одземање на куќите, растурање на домовите и имотите, уништување на цели македонски села како, на пример, славното македонско село во срцето на Егејот Бапчор, срамнето со земја зад кое не остана ниту камче ниту знак, комплетно менување на македонската словенска топонимија во сите краишта на егејскиот дел на Македонија, психичко и физичко малтретирање и срамното и нецивилизирано непризнавање на македонскиот национален и културен идентитет на македонското национално малцинство што живее во Република Грција. А ново е само тоа што, еве, денес, во ова гнило македонско политичко мочуриште што завладеа со доаѓањето на предавничката власт на Заев, таа безобѕирна грчка политика, длабоко вкоренета во сопственото историски познато и посведочено најмрачно фашистичко минато, кое и официјално траеше речиси до вчера, сега малку префарбано во сивкасто фашистоидно лице, ги пушта своите подмолни, лигави антимакедонски и антицивилизациски пипала и методи и надвор од политичките граници на Република Грција и безобразно, со невидена дипломатска иронија ги шири врз територијата на друга суверена земја – на територијата на нашата татковина Република Македонија.

Се наслушавме секакви проѕирни, навистина здодевни изјави, лаги и измислици од поранешните и од современите грчки политичари за тнр. македонски иредентизам. Ма можат тие колку што сакаат и да лажат и да трескаат глупости, но, како што вели латинската поговорка, Veritas omnia vincit – Вистината победува се’! А вистината (а и тие како и целиот свет многу добро ја знаат) е само една: Грција во Балканските војни територијално ни ја ограби Македонија и веќе 105 години прави ужасни меѓународни напори трајно да ја зацементира лагата за грчкиот карактер на Егејска Македонија. А тоа е суштината и на ова актуелно збеснато грчко гризење на се’ што е македонско, а пред се’ на името Република Македонија, зашто тоа име е наш национален симбол, наш знак на препознавање низ целата историја и во современата меѓународна стварност. Ако ни го земат, или ако бидеме будали да им го дадеме тоа наше свето име – тогаш навистина ќе можат до бесвест на сета уста да лажат и да ја фалсификуваат историјата, а ние со своето национално самоубиство само ќе им потврдиме дека биле во право.

Менувањето на уставното име не е само обично менување на уставното име – тоа е менување на се’ од корен. Тоа е бесмислен и вештачки предизвикан нов почеток на еден народ кој со еден потег е трајно разрешен од своето постоење, поништен и избришан од Регистарот на нациите.

Бесрамните грчки лаги и неподносливите историски фалсификати, и особено тврдењата на грчките политичари за божемниот современ македонски иредентизам едноставно и без какви и да е двоумења треба да се отфрлат со најголем презир.

Тркалото на историјата никој разумен во Македонија нема намера да го враќа и повторно да ги „освојува” открадените македонски земји. Но никој разумен не може да ги прифати ниту бесрамните лаги и измислици за непобитните и документарно посведочени историски факти за егејскиот дел на Македонија. И никој разумен и достоинствен Македонец не смее да им го сврти грбот на нашите македонски браќа и сестри кои живеат во Република Грција, потценети, понижени и малтретирани на најразлични начини, при што секако е најстрашно веќе самото тоа што не можат да го остварат своето најелементарно човечко цивилизациско право да живеат под своето национално македонско име и слободно да си ги негуваат своите национални традиции и својот мајчин македонски јазик.

Затоа, за да се види кај била некогаш и до каде во своето постојано ширење и ограбување туѓи територии стасала денешна Грција, подолу донесувам неколку цитати од осведочени научни имиња, како и од директни учесници во создавањето на историјата на тој јужен дел на Македонија што денес се наоѓа во составот на Република Грција, но и неколку оригинални историски карти од збирката на авторот на овој текст, па нека повелат грчките политички фалсификатори и измамници, ако можат, да им ја оспорат нивната автентичност.

На мапата објавена под наслов “Karte zur Geschichte der Europäischen Türkei” (Bibliographisches Institut in Leipzig, 1885), гледаме дел од мозаикот историски карти на Европска Турција, со уверлив приказ на настанувањето на нови држави на Балканот: Србија, Бугарија и Грција, и на нивните тогашни историски територии. Убаво се гледа дека во тоа време Грција е сеуште стотици километри далеку од историските и етничките граници на Македонија.

На следнава мапа од W & A.K. Johnston: “Macedonia, & C.” (Encyclopaedia Britanica, Edinburgh. 1889) е прикажана целосната географска територија на Македонија со егејското крајбрежје и македонскиот остров Тасос. Содржината е современа, со прилози за античките имиња и локалитети. Убаво се гледа каква била Македонија пред да ја прачосаат освојувачите, и најпретприемливата меѓу нив Грција.

А да видиме сега и што пишуваат најавените автори.

Во книгата „Основи на воената географија, соседните земји” (1955), авторите Иван А. Божич и Милан А. Кнежевиќ пишуваат:

„Нова Грција, која е создадена во 1826 година, го опфаќаше само Пелопонез, а главен град и’ бил Навплион (Нафплион – во Арголискиот – Навплионскиот Залив). Од 1830 до 1832 година на Грција и’ е придодадена и Средна Грција со Атика и новиот главен град Атина. Во 1864 година и’ се придодадени и Јонските острови, а 1881 Тесалија. Во Балканските војни 1912/1913 Грција била во сојуз со Србија, Црна Гора и Бугарија. Во првата фаза на војната, во содејство со српската војска, таа ја завзема Егејска Македонија, со Солун, потоа дел од Епир и неколку острови во Егејското Море. Со Букурештанскиот договор од 10 август 1913 година Грција ги добива Јужна Македонија, Тесалија, Крит и Јужен Епир, а северниот дел на Епир и’ припадна на Албанија. Со тоа грчката територија двојно се зголеми”.

Еве ја и потврдата на тие горе изнесени факти, што се гледа на многу важната мапа “Serbien und Mazedonien”(Flemming Verlag, Berlin und Glogau, 1912). Тука донесуваме само детаљ на кој историски непобитно е прикажана (означена со црвена подлога) Македонија во нејзините општопознати географски и историски граници пред и по завршувањето на Првата балканска војна, те. нејзиното грубо воено-политичко касапење и бришење од лицето на земјата. Воедно, таа е и сугестивно историско сведоштво за целосноста на Македонија и за нејзината ограбена територија, зашто, како независно германско издание, мапата е печатена токму во реланиот историски момент, во 1912 година.

Во својата книга „Низ историјата на македонскиот народ” (1949) Димитар Влахов, и самиот, како и нашиот голем револуционер Гоце Делчев, роден во славниот македонски град Кукуш, во Егејска Македонија, и директен, освестен сведок и учесник во драматичните историски настани низ цела една епоха, од предилинденскиот, илиденскиот и младотурскиот период, па се’ до својата смрт во 1955 година, кога Република Македонија веќе државно-правно постои во рамките на тогашна Југославија, за Егејска Македонија во рамките на Република Грција пишува:

„И покрај теротот, асимилацијата и денационализацијата, која систематски се спроведува од 1913 година, и покрај злосторничката конвенција за размена на населението помеѓу бугарската и грчката шовинистичка влада врз основа на која од родната грутка се протерани 150-200 илјади Македонци, Егејска Македонија не е елинизирана. Според најточните податоци во Егејска Македонија денес живеат 270.000 Македонци, 550.000 Грци, 283.000 Караманлии (покрстени Турци), 102.000 Ерменци, 98.000 Лази, Черкези, и др., 8.000 Курди, 43.000 Власи, 103.000 Евереи, Албанци и тн. Во 1896. година во Македонија, без Халкидичкиот полуостров, Кожанската околија и градот Солун, имало 365.000 Македонци, или 35,5% од вкупното население. Најголемите научници слависти, како и претставници на разни европски земји што ја пропатуваа Македонија, го потврдија нејзиниот словенски карактер. И денес, и покрај терористичкиот и денационализаторски режим што со децении се спроведува, во многу околии на Егејска Македонија Македонците претставуваат апсолутно мнозинство, а во другите пак значителен дел од населението. Во Леринската околија на пример Македонците претставуваат 76,9% од вкупното население, во Костурската 75,2%, во Воденската 54,8%, во Зихненската 46,7% и тн.”

Во своето капитално, тритомно дело, фасцинантно документирано токму од грчки архивски извори, „Атлас на населените места во Егејска Македонија” (1997/1998), една неизмерно важна книга што треба да се најде во секој македонски дом, авторот Тодор Христов Симовски, роден во селото Извор, Гуменџиска околија, Егејска Македонија, пишува:

„Како последица од балканските војни (1912-1913) и Букурешкиот мироден договор од 28 јули (10 август) 1913 година, санкциониран од Нејскиот мировен договор од 14/27 ноември 1919 година и од Северскиот мировен договор од 28 јули (10 август) 1920 година, Македонија беше поделена меѓу трите балкански држави – Србија, Грција и Бугарија.

Делот што потпадна под Грција и оттогаш претставува составен дел на грчката држава, опфаќа површина од 33.953 км2 од вкупно 66.474 км2, колку што има цела Македонија.

Со вклучувањето на Егејска Македонија во нејэиниот состав како и на другите територии добиени во и по Балканските војни, Грција се зголеми од 63.211 км2 на 129.880 км2, а нејзиното население од 2.631.952 се покачи на 6.204.684 жители, колку што броеше во 1920 година. Со тоа таа се здоби со државни граници спрема СХС и Бугарија, иако тие не се ниту нејзини природни, ниту пак етнички граници спрема овие држави.

Од вкупно 2.000.000 жители, колку што броеше цела Македонија пред нејзината поделба, повеќето од половината, односно 1.163.477 жители живееја во Егејска Македонија”.

Донесувајќи натаму најдетално документирани податоци за тоа дека уште од своето создавање во 1826 година грчката држава се соочила со проблемот на негрчката, те. пред се’ словенска топонимија на својата територија, Тодор Христов Симовски пишува дека Грција, со истиот проблем се соочила и по Балканските војни, така што на 10 октомври 1919 година е издадено циркуларно писмо со кое се даваат детални упатства за потребата итно да се пристапи кон преименување на имињата на градовите, гратчињата, селата и другите населени места, како и начинот на кој треба да се оствари таа замисла. Во периодот од 1919 до 1998 година, кога е објавен „Атласот” на Христов Симовски, вкупно се преименувани / погрчени околу 1700 населени места во Егејска Македонија.

Детално опишувајќи ги и подробно документирајќи го кажаното и за осумдецениските процеси на насилно менување на етничкиот состав на Егејска Македонија, авторот истакнува дека според своите размери и последици тие нехумани процеси „спаѓаат меѓу најкрупните од таков вид во Европа во периодот од 1912 до денес”, и заклучува:

„Но, и покрај тоа, и покрај изнесените намалувања што ги претрпеа Македонците во Егејска Македонија во последните осум децении, и тоа пред се’ од политички мотиви, зачудува фактот дека нивното присуство тука и натаму е релативно високо, а во Воденско, Леринско и Костурско и денес преставуваат мнозинство.

Натамошното присуство од над 220.000 Македонци во Егејска Македонија непобитно укажува дека не е лесно да се искорени еден народ од таму каде што живеел низ вековите и покрај сите применувани мерки на насилство, денационализација и асимилација”

Мил мој македонски народе, зарем ни требаат поцврсти и поголеми аргументи дека е смртно нужно да си го зачуваме своето историско име Македонка, Македонец, и своето уставно име – Република Македонија? Зошто слепо да им веруваме на домашните предавници и на меѓународните измамници? Зарем ќе дозволиме безобѕирната грчка Лага да триумфира над хуманистичката македонска Вистина?!

Македонскиот народ е една од прекрасните и сјајни ѕвезди меѓу народите во светот. Нашиот македонски народ е Божја дарба меѓу народите; зашто, колку воопшто и има народи во светот? Таа бројка не е непрегледна! Да бидеш народ, да бидеш признаен меѓу народите – тоа значи дека си имал многу долга културна и тешка политичка историја, и оти по столетните премрежија си крунисан со светото името – Народ. Но таа божествена ѕвезда – македонскиот народ – не е морска ѕвезда на која можеш само така да и’ ги пресечеш краците и тие пак да се обноват. Не! Со тој насилен чин засекогаш умираат и краците и ѕвездата. Тоа веќе ни го направија нашите први соседи во Балканските војни, и знаеме колку болеше и колку и денес боли сето тоа. И пак, сите заедно, и во Република Македонија, и во Пиринска Македонија, и во Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, и во Егејска Македонија, се држевме некако, (од познатите политички прилики) на тенки нишки, но колку-толку прибрани околу единствената идеја за својата матична татковина Македонија. А сегашнава безочна предавничка влада на Зоран Заев, со неколку груби „касапски” меѓународни потези нагло ги пресече трите животни и животородни краци на нашиот македонски народ што живее под неподносливи нецивилизациски услови во Република Бугарија, во Република Грција и во Република Албанија, и им ги остави на немилост на тамошните бедни политички грабежливци.

И уште еднаш, да се има на умот дека промената на уставното име на државата во ваков меѓународен грабежлив котекст не е само прашање на обичен лист хартија потпишан од јавен нотар – тоа е судбинско, длабинско, радикално менување, те. бришење на нас самите онакви какви што бевме и вакви какви што сме денес и наше претворање во нешто друго.

Овде, на крајот, ги приложувам овие три прекрасни македонски народни песни од Егејска Македонија, испеани од наши, македонски душички, и реализирани во подеднакво прекрасни изведби, за да не’ потсетат на какво чудесно национално богатство би сме му го свртиле грбот, откажувајки се од нашето нацинално македонско име, и од уставното име на нашата татковина Република Македонија. А така, нежно и љубовно, на македонски јазик, создаден за такви благородни чувства, се пеело низ вековите, па и денес така се пее низ цела Егејска Македонија (за жал, само зад затворените врати на етничките македонски домови!).

Костадинка Палаэова: „ФИЛКА МОМА МОЛЕ БОГА” (Егејското машко оро)

Бапчорки: „МОРИ ЧУПИ КОСТУРЧАНКИ”

Баклава: „ТВОИТЕ ОЧИ, ЛЕНО”

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top