| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Македонија не може да тргне напред сè додека патриотите се во затвор

Десетици уставобранители се наоѓаат во Шутка, додека владините претставници по соседството лицитираат со македонската историја и иднина, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму додаваат дека Македонија не може да тргне напред сè додека патриотите се во затвор

„Судот мора да почне да дели правда, а не политика. Судот треба да собере сили и да ја признае грешката со притворањето на уметници и интелектуалци без никаква основа. Во Република Македонија десетици луѓе се ставени во притвор, како дел од монтиран случај, само затоа што изразиле спротивен став и гласно се спротивставиле на една политика. Притвор се користи како казна и средство за заплашување на политички неистомисленици наместо како мерка на претпазливост“, велат од партијата.

Од таму додаваат дека институциите кои треба да го штитат правниот систем ги кршат законите и правните постапки на секој чекор.

„Македонија нема да биде дел од Европа се додека не се врати правната држава и не се воспостави владеење на правото. Македонија не може да стане членка на НАТО сè додека правосудниот систем се користи како алатка за политички прогон. Нашата заедничка држава не може да тргне напред сè додека патриотите се во затвор, а презумпцијата на невиност е само празна флоскула“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top