| четврток, 6 декември 2018 |

Папата: Не го посветувајте целиот свој живот на пари и кариера

Папата Франциско во беседата за Богојавление во Ватикан рече дека луѓето можат да живеат со „здравје, нешто пари и малку забава“, и апелираше за помош на сиромашните и на другите на кои им е потребна, и на давање без притоа да се очекува нешто за возврат.

„Некои ѕвезди можат да сјајат, но не го покажуваат патот. Така е и со успехот, парите, кариерата, наградите и задоволствата, кога ќе станат цел наш живот“ наведе папата Франциско, додавајќи дека овој пат нема да ни обезбеди мир и радост.

Подоцна, од својот прозорец на плоштадот Свети Петар, ги повика насобраните десетици илјади верници да не бидат рамнодушни кон Исус.

„Наместо да се однесуваат во согласност со својата христијанска вера, луѓето ги следат (доминантните) принципи во светот, што води кон задоволување на склоноста кон ароганцијата, жедта за моќ и материјалното богатство“, рече папата.

Тој се помоли наместо тоа „светот да напредува по патот на правдата и мирот“.

Папата испрати срдечна честитка до верниците кои го слават Божиќ според јулијанскиот календар.

„Нека оваа величествена прослава биде извор на нова духовна сила и заедништво меѓу нас христијаните“, рече поглаварот на Римокатоличката црква.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top