| четврток, 6 декември 2018 |

Градоначалникот на Прилеп ги избркал Коледарчињата: Не сум јас Дедо Мраз па да доаѓате кај мене

До редакцијата на локалниот портал „Маркукуле“ пристигнала вест дека градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски одбил да ги прими дечињата кои денеска како и нивните врсници ширум државата го навестија Христовото Раѓање.

Повеќе од двесте мали прилепски ангелчиња, во придружба на родители, баби и дедовци, утрово беа дел од Бадниковата поворка која помина низ прилепските улици и пеејќи ја бадниковата песна „Вечниот Бог“ и го навестија Христовото раѓање – Божиќ. Овие ангелчиња ги симболизираат ангелите, кои ја донеле радосната вест за Христовото раѓање и пееле: Мир на земјата, а меѓу луѓето добра волја“.

Порталот пишува дека ваквиот начин на празнување на Бадник претставува една возобновена древна традиција за одбележување на овој празник а преку кој се негува традицијата и културата.

Според агендата, по завршувањето на богослужбата Литијата тргна од храмот посветен на „Св. Кирил и Методиј“ – Параклис, и мина низ центарот на градот.

-Како и секоја година, така и оваа, свештениците и малите ангелчиња очекуваа да бидат примени од градскиот татко и да им подели бадникови пакетчиња, но за жал, градоначалникот после три недели договарање, одби да ги прими малите ангелчиња со изговор дека, како прво: „градоначалникот не е Дедо Мраз па да дели пакетчиња“, и како второ: „Утре е Бадник и неработен ден, така што …“. Видно разочарани, дечињата со придружбата, само поминаа пред општинската зграда, па низ градските улици го навестија Христовото Раѓање – Божиќ, пишува Маркукуле.

Вакви литии се одржаа речиси низ сите градови во државата, а пред нецели две години, десетина естрадни уметници во придружба на Златните Славејчиња, на иницијатива на Бигорскиот манастир, снимија видео-спот за божиќната „Вечниот Бог“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top