| четврток, 6 декември 2018 |

Програмскиот совет на МРТ со нова претседателка

Програмскиот совет на Македонската Радиотелевизија (МРТ) избра нов претседател.

На последната седница пред новогодишните празници Советот ја разреши досегашната претседателка Снежана Клинчарова, а на нејзино место ја избра Смилка Јанеска – Саркањац, извести Здружението на новинарите на Македонија.

Професорката на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Јанеска-Саркањац е член на Советот предложена од интеруниверзитетската конференција.

По изборот на Саркањац, досегашната претседателка Клинчарова во знак на револт усмено најавила оставка од членството во Програмскиот совет.

На истата седница е разрешен и досегашниот заменик–претседател на Советот Агим Лека, а на негово место е избран членот на Советот предложен од ЗНМ, главниот и одговорен уредник на дневниот весник Коха, Ведат Мемедалиу.

Родена е 1968 година во Прилеп. Во 1992 год. завршила Електро-технички факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, насока Компјутерска техника и автоматика. Во 2005 година се запишува на последипломски студии на Економскиот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на насоката МБА менаџмент, и магистрира во 2009 година со темата „Информационата технологија во стратегијата на претпријатието“. Во јуни 2011 година на Економскиот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје ја одбранила докторската дисертација под наслов „Стратегиски модели на е-Управување“. Во 2009 година е избрана за асистент на Универзитетот Американ колеџ во Скопје, на Факултетот за деловна економија и организациони науки, а во 2011 година е избрана за асистент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Има долгодишно искуство во ИКТ секторот во Македонија. Работела во ИКТ одделите на повеќе претпријатија од приватниот сектор, на различни позиции, како програмер, бизнис аналитичар, ИТ администратор, водач на тим за развој на апликативен софтвер, и како Директор на сектор за информатика во осигурителна компанија. Била ангажирана како сениор ИТ експерт од страна на Европската агенција за реконструкција.Посетувала бројни обуки главно од областа на менаџмент и информациски технологии. Има напишано неколку стручни и научни трудови. Нејзино поле на интерес се информациски системи од аспект на нивната примена, менаџмент и стратегии на информациските системи во компаниите од приватниот сектор и во јавниот сектор, како и примена на информациски и комуникациски технологии за развој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top