| четврток, 6 декември 2018 |

Спортска 2017 за паметење: Прво ЕП за македонските фудбалери, Вардар на врвот на ракометна Европа

Ако по нешто позитивно Македонците ќе паметат изминатава 2017 година, тоа секако ќе бидат спортските усеси кои ја обележаа годината која измина. Вардар се качи на врвот на ракометна Европа, во Скопје се одржи најголемиот спортски настан во неговата историја и успешно го организираше Супер купот на УЕФА, фудбалската младинската репрезентација до 21 година настапи на европското првенство во Полска, а фудбалерите на Вардар за прв пат настапија во Лига Европа.

Првото место мора да и припадне на европската титула на РК Вардар. “Црвено – црните” заминаа како дебитанти и најголеми аутсајдери за титулата на Ф4 во Келн, но на терен покажаа што знаат. Во полуфиналето прво ја елиминираа Барселона, а во возбудливото финале во последната секунда од мечот со голот на Иван Чупиќ, славеа над најбогатиот клуб во светот ПСЖ. Секако дека овој успех не остана незабележан од страна на целокупната македонска јавност, повеќе од 100.000 граѓани излегоа на улиците на главниот град да ги поздрават европските шампиони.

Кога сме кај ракометот голем успех годинава постигна и јуниорската ракометна репрезентација. Избраниците на селекторот Илија Темелковски на Светското првенство во Алжир го освоија шестото место што е најголем успех на генерацијата до 21 – година.

2017 да остане запаметена како исклучително успешна на спортски план се погрижија и младите македонски фудбалери. Македонија со У-21 репрезентација беше претставена на Европското првенство во Полска, каде избраниците на Благоја Милевски го осовија десеттото место. На клупско ниво исто така беше направен најголем успех во историјата на македонскиот спорт. Шампионот Вардар стана првиот тим што успеал да се пласира во групната фаза на Лигата на Европа. Но, не се прослави многу, бидејќи заврши на последното место без победа со едно реми и пет порази (со три дадени и 20 примени гола)

Антиќ уште еднаш покажа дека ја претставува Македоноја во најдобро светло, надвор од нејзините граници. Тој изминатава година по трет пат се закити со титулата во Евролигата, но овој пат со турскиот гигант Фенербахче, кој во финалето славеше над Олимпијакос. Поранешниот капитен на македонската репрезентација, токму со тимот на Олимпијакос ги освои првите две титули во ова елитно европско натпреварување.

Каратистите и оваа година донесоа медали, овој пат од Европсското првенство во Турција. Берат Јакупи се закити со сребро, а Јована Георгиева се врати со бронза, што беше доволно да ја понесе наградата за најдобра спортистка на Македонија за 2017 година. Македонија е на добар пат да добие и олимписки претставник во таеквондо, бидејќи Дејан Георгиевски се закити со европското злато.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top