| четврток, 6 декември 2018 |

Катимерини: Високо ниво на комуникација меѓу Скопје и Атина

За проблемите во внатрешно-политичкиот живот на Грција, за очекувањата на Атина од Скопје, за можните решенија, за меѓународните притисоци, за ограничениот временски период за решение, но и за одличната комуникација меѓу Македонија и Грција во изминатите шест месеци, пишува денеска грчкиот весник „Катимерини“.

Во анализата под наслов „Тешките чекори кон решение на македонското прашање“, се вели дека последните несогласувања меѓу власта и опозицијата во Грција, по првпат на површина ги извадија тешкотиите што треба да се надминат во Грција во насока на постигнување компромис за името.

И „Катимерини“, исто како и весникот „Еелефтерос типос“, предупредува за зголемување на меѓународните притисоци .

– Се очекува да се зголемат притисоците од меѓународните фактори, кои сакаат брзо решавање на разликите околу името, пред сѐ Американците, но и Европејците (особено Германците) за да се деблокира евро-атлантската перспектива на само на Скопје, туку и на останатите земји од Западен Балкан, кои се изложени на ризик од дестабилизација или од руско влијание, пишува „Катимерини“.

Во однос на билатералните односи меѓу Македонија и Грција, весникот коментира дека нивото на комуникација меѓу Атина и Скопје во последните шест месеци е особено високо, директно и на повеќе нивоа. „Катимерини“ го споменува она што веќе извесен период доста често е дел од анализите на грчките новинари дека Атина гледа добра волја во реториката на Заев, но, во исто време очекува и конкретни и практични постапки, како промена на името на скопскиот аеродром или на автопатот со што во пракса би се покажало отфрлањето на иредентизмот.

– Реалноста е дека овие потези, политички, се релативно едноставни за Владата на Заев, коментира „Катимерини“.

Во однос на можното решение, во анализата се наведува дека името ќе соддржи одредница заедно со терминот Македонија, а не е познато дали ќе биде „Нова Македонија“, „Северна Македонија“, „Горна Македонија“ или како што пишува „некое друго решение кое специјалниот претставник на ОН Нимиц, веројатно би го извлекол од неговата шапка“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top