| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов до граѓаните: Во новата година, посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија

Во новата година, посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија, и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество за нашите деца, родители, роднини, соседи и пријатели.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов испрати честитка до граѓаните на Република Македонија по повод Нова година.

Честитката ја пренесуваме во целост: 

Дозволете да ви ја честитам Новата 2018 година и од се срце да ви упатам искрени желби за добро здравје, за повеќе радост, поголеми успеси и подобро утре. 

Изминатава година бевме соочени со многу предизвици и премрежија. Политичката атмосфера, за жал, непријатно се одрази на целото општество и на секој од нас посебно.  

Искрено се надевам дека во годината што доаѓа ќе се посветиме на убавите и позитивни нешта. Се надевам дека ќе смогнеме сила за да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите, да се сплотиме околу државните интереси и да зачекориме на вистинскиот пат. Пат што води до поквалитетен живот, просперитетблагосостојба за сите наши граѓани. Да живееме во праведно општество втемелено врз вистината, слободата и мирот. 

Затоа, ви посакувам новата година да ја започнеме со позитивни мисли, и силна верба и надеж дека можеме да ги исполниме нашите искрени желби. 

Во новата година, посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија, и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество за нашите деца, родители, роднини, соседи и пријатели. 

Посакувам повеќе да се почитуваме, да шириме љубов за да имаме мир со себе си и со другите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top